На 9 март, со почеток од 18.30 часот, во КИЦ на Македонија во Софија ќе се одржи промоцијата на книгата „На враќање“ од македонската писателка Фросина Пармаковска. „На враќање“ излегува како издание на издавачката куќа „Персеј“ од Софија, преведена на бугарски јазик од Маријан Петров. На промоцијата на литературното дело пред софиската публика, во присуство на авторката, ќе говорат издавачот Пламен Тотев и преведувачот Марјан Петров.
Младата македонска писателка Фросина Пармаковска им е позната на бугарските читатели со книгите „Вишнова хроника“ и „Одбројување“, кои порано излегоа од печат како изданија на издателство „Персеј“ на бугарски јазик.
– „На враќање“ е фасцинантно раскажана приказна за животот на средовечен маж, писател, кој занесен во пишувањето незабележливо му врти грб на семејството и по некое време изнесува сѐ од својот дом и ги напушта својата сопруга и својот мал син. Наративот во прво лице го води човекот што не знае да го спои својот личен и креативен живот. Неговото секојдневие станува низа од минатото, сегашноста и иднината… – стои во најавата за промоцијата.