По повод промоцијата на книгите на академик Влада Урошевиќ
Академик Влада Урошевиќ е член на МАНУ во Одделението за уметност, додека јас му припаѓам на Одделението за технички науки, па затоа, но и тргнувајќи од фактот дека неговото дело „интелектуално кореспондира и со некои други уметнички (сликарство) и вонуметнички, пред сè научни (археологија, астрономија, физика, психоанализа), но и псевдонаучни сфери (езотерични учења)“ (Лидија Капушевска Дракулевска), денес ќе проговорам за односот меѓу уметноста и науката – тема што е блиска до творечката љубопитност на Урошевиќ, поточно: Дали е воопшто возможно науката и уметноста да бидат присутни во образовните институции, но и во општествените процеси, во еднаков сооднос? Одговорот на ова прашање, според моето мислење, е афирмативен, па затоа ќе се обидам да го елаборирам мојот позитивен став по ова прашање.
Сликата со наслов „Неочекуван порој над мостот Шин-Охаши и Атаке“ од Утагва Хирошиге, педесет и осмата слика од збирката сто славни погледи на Едо од 1857 година, беше, во 1887 година, пресликана од Винсент ван Гог, па така се создаде маслото на платно со наслов „Мост на дождот (по Хирошиге)“. Сто шеесет и пет години подоцна, во 2022 година, компјутерскиот модел со вградена вештачка интелигенција, именуван како „Стабилна дифузија“, генерира слика условена од барањето „Астронаут јава коњ, од Хирошиге“ (Сл. 1 лев панел). Моделот „Стабилна дифузија“ им припаѓа на моделите текст во слика, коишто на влезот користат текстуален опис (напишан на природен јазик), а на излезот генерираат слика што одговара на тој опис. На Сл. 1 десен панел е претставено дело создадено од моделот „Стабилна дифузија“, при што описот на текстот што се користеше за создавање на сликата е: „Фотографија на Барни Сандерс во ‘Лудиот Макс: патот на бесот’, експлозии, бела коса, очила, парталава облека, детални симетрични црти на лицето, драматично осветлување“.
Моделот „Стабилна дифузија“ стана јавно достапен во август 2022 г., а веќе по една недела се појавија неверојатни проекти, па затоа светот во 2023-та ќе биде сосема поинаков од оној во 2022 година. Моделот, впрочем како и сите други научни откритија, може да придонесе, но и да одмогне во стремежот да се оствари благосостојба на човештвото, па, оттука, не е чудно што тој беше прифатен од заедницата што се занимава со вештачка интелигенција, но критикуван од голем број научници и уметници. Не навлегувајќи во деталните дискусии за прашањето дали артефактите генерирани од компјутерските модели се уметнички дела или не се, фактот дека вештачката интелигенција придонесува за подобро разбирање на креативниот чи, е, сам по себе, важен и, според моето убедување, ќе придонесе за зближувањето на науката и уметноста.
Поетот, романсиер, раскажувач, препејувач, антологичар, патописец, есеист, книжевен и ликовен критичар Влада Урошевиќ престојува во книжевниот Пантеон како надреалист. Меѓутоа, во надреалните светови на ликовната уметност Влада Урошевиќ зачекорува во Националниот музеј во Берлин, којшто поседува дела на сликарите на фантастиката од втората половина на осумнаесеттиот до средината на дваесеттиот век. Моделите што користат машинско учење и вештачка интелигенција за генерирање текстови, за генерирање одговори на поставени прашања и за генерирање слики, а такви се, на пример, моделите познати по името „генеративни претходно обучени трансформатори“ развиени од компанијата „Отворена ВИ“ (OpenAI) и моделите текст во слика развиени од компанијата „Стабилна ВИ“ и добиените продукти – текстовите, одговорите и сликите, имаат, според моето мислење, елементи на нестварно, нереално и фантастично. Како да се однесуваме кон продуктите генерирани од вештачката интелигенција, но и кон вештачката интелигенција? За да одговорам на ова прашање, ќе се послужам со зборовите на Казуо Ишигуро: „Вештачката интелигенција не само што може да напише роман што не може да се разликува од еден роман на Јан Мекјуан, мислам дека таа може да произведе нов вид литература на начин на кој модернизмот го трансформираше романот. Затоа што вештачката интелигенција навистина ги гледа работите на поинаков начин“.
На патот што води до остварување балансиран сооднос меѓу науката и уметноста во образованите системи и во општествените процеси се наоѓаат големи препреки, но, според моето мислење, вештачката интелигенција може некои од тие препреки да ги премости. Другите препреки се во нас, но и во односот на владејачките елити кон науката и кон уметноста.