Колку ќе трае дебатата во Собранието за реконструкција на владиниот кабинет зависи од бројот на пријавени за дискусија, што е демократско право на секој пратеник. Владејачкото мнозинство се зголемува, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
– Во Собранието има мнозинство поголемо од тоа коешто беше до сега. Не се развлекува дискусија, од моја страна. Јас го поднесов предлогот во петокот, сега сме веќе следниот петок. Колку ќе трае дискусијата зависи од бројот на дискутанти. По тоа што го видов од страна на пратениците на опозицијата има голема заинтересираност, тие сите се пријавени за дискусија. Тоа е демократско право, секој има право на остварување на своето демократско право.Така што ако 40 пратеници се пријават за секое разрешување и за секое именување, и ако тоа го помножите по десет, па го добиете вкупниот број и тоа го поделите со 24 во еден ден ќе може да пресметате колку дена, 24 часа на ден да се работи, би траела дискусијата – вели Ковачевски на новинарско прашање по отворањето на градинка во Волково, во Скопје.
Во Собранието веќе четврти ден се расправа за разрешување на тројцата министри од Алтернатива. Со реконструкцијата на Владата, во владината коалиција влегува партијата Алијанса за Албанците.
Премиерот потврди дека вчера имале средба со пратеникот Скендер Реџепи – Зејд, кој од минатата година ја напушти Алтернатива и делува како независен пратеник. На средбата рече разговарале за одреден број судски случаи за кои имало јавна дискусија во однос на начинот на кој тие се воделе, но не и во однос на наводна меѓународна ревизија на одредени предмети.
– Јас во ниту еден случај не сум се мешал во одлуките на правосудството, ниту пак тоа ќе го правам, ниту пак ќе бидат консултирани правосудни странски органи. Единствено нешто што може да се направи е до Европската делегација да се испрати писмо за одредени случаи дали тие би имале начин да направат одреден молниторинг врз тоа како тие случаи се водени. Доколку има таква можност тогаш тие можат тоа да го направат во рамки на директивите на ЕУ. Доколку не ќе одговорат. Сепак, писмото единствено има намера да докаже пред сите дека ние имаме правосудни органи кои што функционираат независно. Тоа се потврдува и денес со пресудата на Европскиот суд за човековите права – порача Ковачевски на новинарско прашање.