Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повика да се испрати повеќе муниција и оружје во Украина, бидејќи Русија го зголемува притисокот непосредно пред првата годишнина откако ја почна инвазијата.
-Не гледаме знаци дека претседателот Владимир Путин се подготвува за мир – рече Столтенберг, говорејќи во Брисел, во седиштето на НАТО.
-Она што го гледаме е спротивното. Тој се подготвува за нова војна, за нови офанзиви и нови напади – додаде Столтенберг при пристигнувањето на состанокот, чиј домаќин е САД, а наменет за координирање на испораката на оружје за Украина.
Столтенберг ги повика членките и партнерите на НАТО да испорачаат повеќе муниција и брзо да го испорачаат веќе ветеното оружје. Тој додаде дека снабдувањето на Украина со борбени авиони не е најитното прашање, но призна дека поддршката за Украина еволуирала во текот на изминатите месеци.
Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО подоцна денеска ќе разговараат дали да се зголеми производството на муниција за да се задоволат потребите на Украина и да се надополнат домашните резерви – рече Столтенберг.