Минатата статија беше посветена на техничките и економските карактеристики на овој продуктовод. Во оваа статија повеќе внимание е посветено на политиката, енергетиката и големите интереси
Гледајќи ја мапата на цевководот (БТЧ, Баку – Тбилиси – Чејхан, лилава линија) се поставуваат неколку прашања:
– Зошто цевководот од Азербејџан не оди преку Ерменија и потоа директно во Турција до Чејхан, со што ќе има скратувања за најмалку 500 км, туку се заобиколува Ерменија, па преку Грузија се спушта во Турција, особено кога се гледа дека од Азербејџан веќе има цевковод до Грузија под името Баку-Супса (БС, црната линија)?
– Не само тоа, туку се водело сметка и за делот во Грузија каде што живее голема група на Ерменци, на самата граница Ерменија – Грузија. Трасата на цевководот влегува од Азербејџан во Грузија, но во голем лак цевководот го обиколува делот во Грузија каде што живее одреден дел на Ерменци и влегува во Турција. Кој би градел нешто толку значајно (а цевководот е една од најзначајните работи) во нестабилно подрачје?
– Зошто се поставува цевковод во земја што има двојно поголемо количество врнежи (дожд), имено бројот на врнежи во годината е еден од факторите за поставување на трасата на цевководот, каде што поради растреситоста на почвата е подобро да има што помалку врнежи. Просечните врнежи во Азербејџан изнесуваат околу 450 (мм/год.), во Ерменија околу 550 (мм/год.), во Турција околу 600 (мм/год.), а во Грузија околу 1050 (мм/год.). Значи Грузија е помалку погодна во однос на Ерменија, а сепак таму е поставен цевководот.
За тоа постојат повеќе објаснувања, но ќе наведеме неколку. Една од причините е секако големото непријателство помеѓу Ерменија и Азербејџан, т.е. поради нестабилноста на регионот, што веќе и се потврди во неколкуте нивни војни, каде што Ерменија беше обвинета дека со проектили го гаѓала цевководот што се наоѓа во Азербејџан. Друга причина е големото курдско население Заза (делот во Турција) што живее во делот на Турција на самата граница со Ерменија, дел што цевководот го заобиколува и дури потоа се спушта накај Чејхан (крајната точка).
А да не навлегуваме во делот на влијанието на западните земји на тој дел од глобусот, во периодот пред и по распаѓањето на СССР. Овој дел на Касписко Море, поради огромните наоѓалишта и можни траси на пренесување енергенти, секогаш бил интересен за големите светски сили. Азербејџанските власти преку СОКАР, државна нафтена компанија на Република Азербејџан (во 1992 г. повеќе државни компании со различни имиња што се занимаваат со енергенти се спојуваат во една компанија – СОКАР), и нафтените компании од западните земји почнуваат да преговараат за изградба на цевководот пред 1990 год., кога Азербејџан сè уште беше советска република. Тие ги воделе преговорите без да знаат руските нафтени компании и СССР, па дури и се подготвувале да потпишат договор. Со тој договор, кој не беше потпишан, на Русија не ѝ следува ниеден процент од целата зделка. Азербејџан на 30.8.1991 г. прогласува независност, но сѐуште големо влијание има руското КГБ. Хејдар Алиев ја презема власта во Азербејџан по државниот удар. Со овој удар Алиев, со повторно преговарање, ѝ овозможи на руската „Лукоил“ да добие 10 отсто од АИОЦ (азербејџанската меѓународна оперативна компанија -конзорциум од 10 нафтени компании што имаат потпишано договор со Азербејџан, и тоа: БП (ОК), „Шеврон“ (САД), „Девон енерџи“ (САД), „Еквинор“ (Норвешка), Турската нафтена корпорација (Турција), „Амерада Хес“ (САД), Државната нафтена компанија на Азербејџан (Азербејџан), „Ексон мобил“ (САД), „Инпекс“ (Јапонија), „Иточу“ (Јапонија). Во меѓувреме Турција ги зајакнува своето присуство и лидерство помеѓу поранешните советски републики (сите оние од тој регион што завршуваат на -ан, Туркменистан, Казахстан…) и сака да го намали влијанието на Русија (особено енергетските коридори) во тој регион, а во исто време ги зајакнува односите со САД и Обединетото Кралство и со сите западни земји. Русија смета дека е тоа во нејзиното предворје и дека треба да го има главниот збор, нејзин пријател е Иран со своите наоѓалишта, кој е гооолем играч на светската енергетска сцена. За да го намали влијанието на Русија врз Иран, азербејџански СОКАР му доделува 5 проценти од своето учество на Иран. Но проблемот не е решен. По долги преговарања (со голем притисок од САД), а да не се почувствува оштетено никој, решено е да се изградат два нови цевководи (наменети претежно за Русија), кои ќе ја преземаат нафтата од Азербејџан. Тоа се:
• Цевководот Баку – Супса (со црна линија), кој се протега од Азербејџан до Супса во Грузија. Изградбата почна во 1994 г., а заврши во 1999 г., со капацитет од околу 150.000 барели дневно. Управуван е од БП – „Бритиш петрол“. Од Супса, која се наоѓа на брегот на Грузија, во Црно Море со танкери се пренесува понатаму. Некои делови на овој цевковод се изградени уште во 1932 г., под името цевковод Баку-Батуми, но во 1942 г. е затворен поради Втората светска војна. Цевководот Баку – Супса беше неколкупати затворан поради локалните војни во Грузија во делот на Јужна Осетија. Потоа, во 2022 г., повторно имаше затворање поради војната со Украина.
• Цевководот Баку – Новорусиск, кој се протега од Азербејџан до Новорусиск во Русија, во должина од околу 1.300 км. Тој има капацитет од околу 110.000 барели на ден. Во Азербејџан е управуван од СОКАР, а во Русија од рускиот Транснефт.
Со поставување на овие два цевковод, Русија добива дел од колачот, а „Лукоил“ ги враќа оние 10 проценти што му беа доделени од AIOC, азербејџанската меѓународна оперативна компанија. Сегашното управување со БТЧ-линијата е составено од повеќе компании, но најголемиот дел го има БП („Бритиш петрол“), со околу 30 отсто и СОКАР со околу 25 отсто.
Значењето на овој цевководот е многу повеќе геополитичко отколку економско. Далеку од тоа дека економскиот аспект нема тежина, приближно околу 1 отсто од светските побарувања на нафта се остварува преку БТЦ-цевководот, со што може да послужи евентуално за намалување на цените. Но од геополитички аспект се намалува зависноста на касписките држави од руските цевководи, се намалува влијанието на Иран, но и зајакнување на економиите и довербата помеѓу Азербејџан, Грузија и Турција. Најмалку добивка од сето тоа има Ерменија, која нема излез на море и нема наоѓалишта на нафта и гас. Ерменците имаат нуклеарка од советско време, хидроенергија и во последно време енергија добиена од сончевата енергија, како и мало количество јаглен. Но тука е Иран, кој ја снабдува со гас, а Ерменија го преработува и му го враќа како електрична енергија, а тука е и Русија, која ја снабдува исто така со енергенти. Ситуацијата во регионот во последно време е променета, особено откога Турција донекаде ја промени својата политика во позитивна насока кон Русија, како и создавањето на Евроазискиот економски совет, составен од: Русија, Белорусија, Киргистан, Ерменија, Казахстан (Казахстан има најголемо количество на јаглен и ураниум и огромно количество на гас и нафта – меѓу првите 15 земји во светот).
Љупчо Давчев
(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство)