Земјотресите што ја погодија Турција на 6 февруари и нанесоа штета на економијата во износ од 84 милијарди долари, објави денеска агенцијата Блумберг, повикувајќи се на проценките на турската Конфедерација на претприемачи и претставници на деловни кругови.
Во првата оценка на Конфедерацијата се наведува дека загубите на националната економија поради земјотресот ќе бидат околу десет отсто од бруто домашниот производ.
– Се прецизира дека штетите на станбените згради изнесуваат 70,8 милијарди долари, последиците од земјотресот ќе доведат до намалување на буџетските приходи на земјата за 10,4 милијарди, а уште 2,9 милијарди ќе ја чинат турската економија загуба на работна сила – пренесе ТАСС.
Пресметките на Конфедерацијата укажуваат на поголема штета од онаа што ја проценуваат другите економисти во земјата, а повеќето експерти се согласуваат дека е рано да се сумираат конечните последици од природната катастрофа во овој момент.
Во земјотресите со јачина од 7,8 и 7,6 степени според Рихтеровата скала во југоисточна Турција досега загинаа речиси 30.000 луѓе и уништија повеќе од 6.000 згради.