Фото: Твитер / Турска агенција за управување со вонредни состојби

Бројот на загинати во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија сега изнесува 7.266, јави Скај Њуз пренесувајќи го најновиот биланс.

Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа изјави дека само во Турција починале 5.434 лица. Тој информира дека во Турција се повредени најмалку 31.777 лица.

Во Сирија, најмалку 3.849 лица се повредени од кои најмалку 1.449 во областите контролирани од сириската влада според сириските државни медиуми и најмалку 2.400 во северозападна Сирија контролирана од опозицијата според „Белите шлемови“.

Најмалку 35.626 луѓе се повредени во двете земји.

Пристигнуваат спасувачки тимови и меѓународната помош, а спасувачите по многу студено време со сите сили се обидуваат да извлечат преживеани од под урнатините.

Уништена е голема област што им отежнува на спасувачките тимови да стигнат до уништените градови и населени места, а поради студот се стравува колку долго луѓето ќе можат да преживеат под урнатините.

 

Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што рано вчера ги погоди Турција и Сирија, проследен со серија последователни потреси и уште еден голем земјотрес со јачина од 7,5 степени, остави стотици километри уништени области во југоисточна Турција и соседна Сирија. Земјотресот урна илјадници згради, носејќи нови страдања во регионот во кој веќе 12 години се води граѓанска војна во Сирија и е погоден од бегалската криза.

Нестабилните купишта метал и бетон ја прават опасна потрагата по луѓето кои можеби се останати заробени под урнатините, а ниските температури ја зголемуваат загриженоста за тоа колку долго заробените луѓе можат да преживеат на студ.

Само во Турција од под урнатините се извлечени повеќе од 8.000 луѓе, а околу 380.000 се засолниле во државни засолништа или хотели, соопшти турскиот потпретседател Фуат Октај. Тие се засолниле во трговски центри, стадиони, џамии, месни заедници, додека други ја поминале ноќта под ќебиња околу оган.

Многумина се обратија на социјалните мрежи за да побараат помош за своите најблиски за кои стравуваат дека се под урнатините. Претставници на Министерството за внатрешни работи изјавија дека сите повици биле внимателно собрани и оти информациите им биле пренесени на тимовите за пребарување, јави агенцијата Анадолија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека 13 милиони од 85-те милиони луѓе во земјата се погодени од земјотресот и прогласи вонредна состојба во 10 провинции.

Според Светската здравствена организација, може да има дури 23 милиони погодени во областа погодена од земјотресот.

– Ова е криза која се додава на многуте кризи во таа област – рече претставник на СЗО за итни случаи во Женева.

Во Турција живеат милиони бегалци од сириската граѓанска војна.

Областа погодена од земјотресот во Сирија е поделена на територии контролирани од владата и последна енклава контролирана од опозицијата каде што милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија и зависат од хуманитарна помош.

Турција се обиде да ја забрза испораката на помош дозволувајќи им само на возилата за помош да влезат во најтешко погодените провинции Караманмарас, Адијаман и Хатај.

ОН соопштија дека ги „испитуваат сите опции“ за испорака на помош до областите под контрола на бунтовниците во северозападна Сирија. Претставник на Лекари без граници во земјата изјави дека здравствените установи се преоптоварени, а медицинскиот персонал работи деноноќно за да им помогне на повредените.

Помошта успева да стигне до некои. Неколку драматични спасувачки напори беа пријавени низ областа, и преживеани, вклучително и мали деца, беа извлечени од под урнатини повеќе од 30 часа по земјотресот.