Илустрација/Фото: Архива

Општина Прилеп ќе обезбеди помош за настраданите и за населението погодено во земјотресите во Турција и Сирија, соопштуваат од општина Прилеп. Првиот чекор го презел градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески.

– После немилите вести на кои сите бевме сведоци во текот на вчерашниот ден и искреното изразеното сочувство до народот во Република Турција и Сирија, денеска во координација со претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, поднесов барање за одржување на итна седница на Советот, на која што преку одлука ќе бидат обезбедени финансиски средства од буџетот на општина Прилеп како донација за семејствата на настраданото население. Искрено подаваме рака на целокупното погодено население и до сите градови и општини на нашиот братски народ во Република Турција – вели градоначалникот Борче Јовчески.

Тој посочува дека заедно со претседателот на Советот Дејан Проданоски и со општинска делегација, изминатите денови престојувале во Република Турција, во општината Бајрампаша, на покана на почитуваниот градоначалник Атила Ајданер, со цел збратимување на двете општини и меѓусебна економска, културна соработка.

Веднаш после немилите сцени и настани , истакнува градоначалникот Јовчески, кои што се случија во Турција, потенцирав дека општина Прилеп е подготвена да помогне во рамките на нејзините можност.

– Им понудивме друга помош и логистика доколку е потребно, а со тоа да знаат дека подадената рака значи дека нашата поддршка и солидарност веднаш ќе ја реализираме и дека нашите мисли во овие тешки мигови се искрено со нив – посочи градоначалникот, при тоа упатувајќи апел до прилепчани во рамките на нивните можности да помогнат преку Фондот на солидарноста на Црвен крст или телефонските броеви за донација.

Свикување на вонредна седница на Советот на општина Прилеп, со потписи и барање за давање хуманитарна помош побараа и советниците од СДСМ со коалицијата. Ка.М.