Хашим Тачи

Водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на кои им се суди за воени злосторства и злосторства против човештвото, убиства и тортура, Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весељи, живеат според посебни „куќни правила“ во затворот „Хагланден“ во Хаг. На притворениците им се дозволени редовна прошетка, посета на библиотека и вежбалница, молитва во посебни простории и одредена сума сопствени парични средства, не во кеш туку на картичка, најмногу до 1.500 евра, за да можат да купат намирници за свои потреби во затворската продавница. Пари можат да потрошат и во затворската менза, а доколку добијат специјална дозвола, може да пазарат и надвор од затворскиот објект, на пример да платат за телефонски разговори или хемиско чистење на гардеробата, купување весници или цигари.
Токму за цигарите има и посебни правила. Сите затвореници/притвореници во затворот „Хагланден“ во Хаг, вклучувајќи ги и гореспоменатите обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, убиства и тортура како припадници на ОВК, може да имаат најмногу штека цигари или 100 цигарилоси, 50 пури или 250 грама тутун. Во ќелијата смеат да пушат, но само кога вратата е затворена, како и за време на прошетката, со тоа што треба да внимаваат каде ги фрлаат догорчињата.
Овој затвор е единствен во Холандија каде што на притворените лица им се обезбедуваат услуги за физички и психијатриски третман 24 часа на ден.
„Хагланден“ се наоѓа во Шевенинген и може да прими околу 200 лица.

Подготвил: Mарјан Велевски