Русија е еден од факторите на кои им е од интерес да се одржат живи конфликтите во овој регион, за полесно да може да се манифестира влијание. Па така и последната ескалација меѓу Бугарија и Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Османи, прашан дали смета дека руската разузнавачка служба ги „поткопува“ македонско-бугарските односи вели дека нема такви директни информации.
-Јас немам такви директни информации, меѓутоа дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Македонија, туку воопшто на Западен Балкан – вели Османи.
Во однос на повлекувањето на бугарскиот амбасадор од земјава вели дека не може да ги коментира причините за тоа.
-Не би можел да коментирам за причините, бидејќи освен тоа што не имаат информирано со нота и кажуваат јавно, меѓутоа доколку е поврзано со инцидентот којшто се случи во Охрид, јас тоа би го сметал за диспропорционална реакција бидејќи, тоа прво е индивидуален инцидент, за кој државата ги презеде сите можни мерки. Ги идентификуваше веднаш сторителите, еден е во притвор, имаше осуда веднаш од страна на претседател, премиер, министер за надворешни работи. Јас отидов во Софија, го изразивме тоа што треба државата да го покаже кон наш државјанин и граѓани, така што навистина не гледам што би било поврзаноста меѓу едниот случај и реакција – истакнува Османи.