Денес сиот свет е застанат во нашата татковина, на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Затоа што денес, виртуелно, но и духовно, со мисла и со збор,
сплотени во определбата и желбата да ги изучувате македонскиот јазик, литература и култура, сите вие од Европа, Америка, Азија и Австралија сте овде, на југ,
во неговата и наша, ама уверена сум, веќе и ваша Македонија, порача на отворањето проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. На Школата по македонски јазик
учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави

СО СТИХОВИ НА ВЕЛИКАНОТ АЦО ШОПОВ ОТВОРЕНА ТРЕТАТА ЗИМСКА ШКОЛА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

„Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија.“ Со овој стих на великанот Ацо Шопов, објавен пред четириесет и три години, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, го започна своето обраќање вчера на свеченото отворање на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Таа напомена дека овој стих се чини ја одразува смислата на Школата, која годинава е во чест на Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање.
– Во сето време досега, токму странските македонисти и слависти се оние што овозможија во една убава смисла да се остварува идејата дека „светот е судбина на Македонија“ – преку нивните беспоштедни заложби македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини. И тоа дури и во мигови кога, како што би рекол Шопов, и ние почувствувавме дека „во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, / а светот е бремен од проблемите на Македонија“. Но и дека „Македонија ја дели судбината на светот, / а светот се судира со безброј македонски судбини.“ Ама во исто време, преку нивната решеност да се посветат на македонистиката и таа за нив да е животна определба, и нашата татковина постана судбина на светот, затоа што заложбите на странските македонисти и слависти се остваруваат не само во рамките на универзитетските центри и на меѓународната научна сцена туку и воопшто преку афирмација на македонскиот збор и македонската мисла низ светот – напомена Мојсова-Чепишевска.
Своето обраќање таа им го посвети и им го упати ним – на странските македонисти и слависти што се учесници на Школата.

– Денес, преку оваа Трета зимска школа, и навистина сиот свет е застанат во оваа мала грутка земја, која ние ја чувствуваме како наша татковина. Затоа што денес, виртуелно, но и духовно, со мисла и со збор, сплотени во определбата и желбата да ги изучувате македонскиот јазик, литература и култура, сите вие од Европа, Америка, Азија и Австралија сте овде, на југ, во неговата и наша, ама уверена сум, веќе и ваша Македонија. Посакувам во следните шест дена, преку наставата што ќе ви ја овозможиме, уште повеќе да ја засакате и уште подобро да ја запознаете, онака како што ја доживувате вие, со сета ваша страст за македонистиката што ве доведе на оваа Школа, но и онака како што ја доживуваше Шопов – со старите паметници на културата, со сета разновидност, со сите богатства, длабочини, патишта и судбини – им порача Мојсова-Чепишевска на учесниците на Школата.
На свеченото отворање на Школата се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, под чие покровителство се остварува националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, како и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски.

– Без сомнение, богатството на македонскиот јазик најубаво може да се види и преку пишаниот збор и достигнувањата на нашите литературни автори како Шопов, кој преку својот поетски израз отвора нови перспективи за препеви, кои, самите по себе, покрај одличното познавање на јазикот на кој се напишани, се одраз на голема посветеност и креативност. Уживањето во раскошот на неговите стихови е најдобриот начин да ја почувствуваме убавината на македонскиот јазик и неговиот огромен потенцијал.
Самиот факт што на Зимската школа присуствуваат повеќе од 40 учесници од 17 земји од светот сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик, на што сите треба да бидеме особено горди.
Без дилеми, меѓу учесниците имаме нови афирматори на македонскиот јазик, на македонската литература и култура, но и пријатели на нашата земја и нејзините убавини. Во исто време, искажаниот интерес нѐ потсетува и на обврската што ја имаме да го негуваме македонскиот јазик и постојано да работиме на неговото зачувување и унапредување – истакна претседателот Пендаровски.
Во своето обраќање пред учесниците, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, рече дека Шопов како една од централните личности на македонскиот XX век ги постави темелите на мостовите меѓу македонската и поголем број странски култури.
– Ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме. Ама и да градиме нови! Во нашава современост, чинам нема друг субјект што на академско ниво дотолку се залага и придонесува за одржување и јакнење на постојните мостови и градење нови токму преку јазикот, речта и културните вредности, колку Меѓународниот семинар, кој е организатор на оваа Школа, што несомнено се потврдува преку резултатите од соработката и влогот со странските македонисти и слависти – и во странските културни средини и кај нас. Оттука, и со оваа Школа, меѓу другото, на академско ниво се остварува дел од она за што Шопов и неговата генерација културни дејци се залагале на средината на минатиот век – истакна Јанкуловски
Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ се одржува виртуелно и ќе трае до 28 јануари, а е прва активност од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“. На неа учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави. Н.М.