Заклучоци од форумот во Битола
Евидентна е родовата нееднаквост во европскиот филм, жените режисери добиваат помалку јавни средства, работат со пониски буџети, а нивните филмови имаат пократка дистрибуција, сепак, нивните филмови често се уметнички поуспешни и финансиски поефикасно се произведуваат. Оттука, недостигот од женски талент во индустријата не може да биде проблем на квалитетот како што често се тврди. Наместо тоа, индустријата не успева да ги одржи кариерите на женските режисери… Ова се дел од заклучоците на истражувањето на лабораторијата „Жени на кино“ од Франција во соработка со Европската филмска опсерваторија, објавено кон крајот на изминатата година, во кое за првпат се објавени и податоци за нашата земја, односно статистички податоци за положбата на жените автори, како и активности за борба против родова стереотипизација, преку Агенцијата за филм на Македонија.
Во Европа, само еден од пет филма е режиран од жена. Ова беше потврдено и на последниот Форум на мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО на темата „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“ што неодамна се одржа во Битола. На форумот беше дискутиран родот во филмот и медиумите, беа споделени статистики од градовите членови на мрежата, беа презентирани идеи и беа поведени иницијативи за постигнување родова еднаквост и намалување на родовиот јаз во овие индустрии.
Лиса Навроцки од Потстдам, Германија, град што стана дел од мрежата во октомври 2019 година, се фокусираше на жените во филмот споделувајќи ги статистиките од германската асоцијација ПОР, која се залага за родова еднаквост во распределбата на ресурсите и можностите меѓу филмаџиите во Германија.
– Жените сѐ уште се малцинство во филмската индустрија. Само 25 отсто од сите филмови прикажани во Европа од 2017 до 2021 биле режирани од жени. Впрочем, 34 отсто биле продуцирани од жени, 28 отсто напишани од жени, а само 10 отсто снимени од жени. Имаме многу жени што учат на филмските академии во Германија, дури 56 отсто, но подоцна кога се вклучуваат во филмската индустрија нивниот број значително опаѓа на 24 отсто, а кога станува збор за финансирање на филмовите, само 16 отсто од жените добиваат финансиска поддршка. Треба сите да се запрашаме што се случува – рече Навроцки.
Таа додаде дека и ситуацијата пред камерите не е многу подобра. До 30-годишна возраст речиси еднаква е застапеноста на актерите и актерките, но штом се помине оваа граница со секоја декада процентите во корист на жените се намалуваат и во филмот и на малите екрани. Родовиот јаз е најизразен меѓу кинематограферите каде што жените сочинуваат само 9 отсто во Европа.
Жорди Хернандез Прат од Тераса, Шпанија, кој е актуелен координатор на мрежата филмски градови на УНЕСКО, истакна дека иако во последните години шпанскиот филм бележи значителни успеси, за што доказ е и победникот на последното Берлинале, „Алкараз“ од режисерката Карла Симон, сепак реалноста е загрижувачка.
– Шпанскиот сектор за играни филмови е доминантно машки каде што вертикалната и хоризонталната сегрегација на работните места буквално се репродуцира врз основа на полот на секој професионалец. Жените режисери имаат 50 отсто помал буџет во однос на нивните машки колеги, вклучувајќи и државни пари. Како контраст на ова, пак, е меѓународната препознаеност на жените режисери и сценаристи каде што бројките се речиси двојно во корист на жените. Сепак, ниту една од трите национални награди во 2021 не ѝ беше доделена на жена – посочи Хернандез Прат, цитирајќи ги бројките од студијата за 2021 спроведена од Шпанското здружение на жени филмаџии и аудиовизуелни медиуми.
Ова го потврди и Гијом Русо од Ваљадолид, кој додаде дека во однос на просечниот буџет за филм очигледно е дека се фаворизираат мажите – 1,5 милиони евра за жени наспроти 2,7 милиони евра за мажите. Тој посочи на неколку иницијативи и проекти што имаат цел да ја подобрат положбата на жените во филмот и информирање дека во Шпанија во подготовка е нов закон за родова еднаквост и имиџот на жените во филмот.
Во нашата земја, од 2017 до 2021, само 15,3 отсто од филмовите биле направени од режисерки. Само еден од петте филма премиерно прикажани во кината во 2020 и 2021 година бил режиран од жена.
Форумот го организираше здружението за филмска уметност Центар за филм – Битола во насока на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми.