Американската вселенска агенција НАСА ја разгледува можноста за изградба на цевководи за ефикасен транспорт на кислород до различни локации на јужниот пол на Месечината за да ги задоволи потребите за претстојните мисии од програмата „Артемида“.
Прегледот беше инициран откако Питер Курери, шеф на компанијата „Лунар ресорсис инк“, ги детализираше проблемите со постојните планови на НАСА за транспорт на кислород со помош на роверот. Курери го поднесе својот предлог до програмата на НАСА за иновативни напредни концепти (НИАЦ) и беше меѓу 14-те истражувачки тимови на кои им беа доделени 175.000 долари за развој на нивните концепти.
Предложениот лунарен цевковод, наречен „Лунар саут пол оксиџен пајплајн“ (ЛСПОП), ќе се поврзе со лунарниот центар за екстракција на мраз на НАСА на јужниот пол на Месечината. НАСА, Кина и Русија го сакаат лунарниот јужен пол бидејќи содржи огромни количества мраз и други ресурси веднаш под површината. Тој мраз ќе биде клучен дел од плановите на НАСА да воспостави постојано човечко присуство на Месечината, бидејќи може да се минира и да се претвори во вода за пиење и кислород што може да се користи за дишење, а и како ракетно гориво.
Курети вели дека тековните напори за екстракција на кислород вклучуваат амбалажирање на кислородот во резервоари за компримиран гас или негово втечнување и складирање во резервоари.
И двата процеса вклучуваат транспорт на резервоари до различни постројки за да може да се користи кислородот. Процесот на транспорт со ровер троши повеќе енергија од процесот на екстракција, а исто така се смета за најскап поради долгите растојанија помеѓу областа за екстракција на ресурси и човечкото живеалиште или капацитетите за втечнување.
Со други зборови, НАСА планира да складира мраз во криогени резервоари под притисок и да го транспортира до лунарните ровери. Веројатно ќе треба да транспортираат мраз во регион поблиску до екваторот на Месечината бидејќи на лунарните живеалишта ќе им треба дополнителна сончева светлина што ја обезбедува тој регион.
Од друга страна, концептот на Курери за лунарен цевковод би обезбедил постојан пристап до кислород за жителите на Месечината, а исто така драстично ќе ги намали трошоците, кои инаку би биле поврзани со транспортот. За разлика од цевководите на Земјата, истекувањето на Месечината не би загадувало. Наместо тоа, кислородот едноставно би исчезнал во вселената бидејќи Месечината нема атмосфера.
Ќе бидат тестирани неколку различни прототипови на цевководи, почнувајќи од концепт долг пет километри. Доколку НАСА го одобри цевководот, тој ќе биде изграден во сегменти на Месечината пред конечно да биде склопен до целосна должина. Алуминиумот, кој го има во изобилство на лунарниот јужен пол, најверојатно ќе се користи во производството.