Портпаролот на ЕУ за надворешна политика Петер Стано ги осуди денешните руски напади врз украинските градови, а посебно го осуди нападот врз станбена зграда во Днепар, во кој загинаа најмалку 35 цивили, меѓу кои и две деца.
– Русија продолжува да го покажува своето нехумано лице и продолжува со своите брутални ракетни напади. Овие акции се воени злосторства и мора веднаш да престанат. Нема да има неказнивост за овие дејствија. ЕУ силно, најостро, ги осудува руските напади врз цивили, вклучително и нападите врз енергетска инфраструктура – изјави тој.
Додаде дека овие акции само ја зајакнуваат решеноста на ЕУ да и помогне на Украина и дека ЕУ ќе ја прошири својата помош за Украина се додека тоа е потребно. Ова, рече тој, е уште еден доказ за тоа како Русија го ескалира овој конфликт. Зборувајќи за европските санкции против Русија, Стано рече дека санкциите имаат негативно влијание и врз ЕУ.
Кремљ пак негираше дека руските сили погодиле станбена зграда во градот Дњепар, каде, според украинските власти, руска ракета убила најмалку 36 лица.
– Руските вооружени сили не бомбардираат станбени згради, ниту цивилна инфраструктура, тие бомбардираат воени цели – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, наведувајќи дека „можно е да паднала украинска ракета за противвоздушна одбрана врз зградата“.
Според украинските власти, најмалку 36 лица, меѓу кои две деца, загинале во експлозијата на руска ракета што во саботата погоди зграда во Дњепар, а 35 лица сè уште се водат како исчезнати. Бројот на загинати денеска се искачи на 35, а потоа на 36, бидејќи спасувачките екипи пронајдоа тела под урнатините.
Коментирајќи ги најавите дека Западот ќе испрати тенкови во Украина, Кремљ денеска се закани дека ќе ги „запали“, особено оние што планираат да ги испратат Лондон и Варшава.
– Тие тенкови горат и ќе продолжат да горат, рече Песков на дневниот телефонски брифинг за новинарите.
Тој повтори дека Западот ја користи Украина за да постигне „антируски цели“ и дека Кремљ е решен да ги постигне „целите на специјална воена операција“, како што руските власти ја нарекуваат офанзивата против својот сосед.