ТЕНИС
Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се на спротивните половини од ждрепката за првиот годинашен тениски гранслем-турнир, Австралија опен, што значи дека освојувачите на вкупно 43 гранслем-титули во сингл може да се сретнат само во финалето во Мелбурн, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Четвртиот носител Ѓоковиќ во првото коло ќе игра со Шпанецот Роберто Карбалес Баена на турнирот што почнува денеска. Надал, пак, се среќава со британскиот играч Џек Дрејпер, полуфиналист на шампионатот „Некст ген“ во ноември и полуфиналист на Аделаида интернационал. Ига Швјонтек, тенисерката број еден, во воведното коло се среќава со Германката Жил Нимаер, која е рангирана на 68-то место. Полската тенисерка беше полуфиналистка на Австралија опен во 2022 година, година во која ги освои титулите на Ролан Гарос и на САД опен.
Потенцијалните машки четвртфинални дуели се Надал со Данил Медведев, што би било реприза на ланското финале на Австралија опен, потоа Стефанос Циципас со Феликс Ожер-Алиасим, Ѓоковиќ со Андреј Рубљев, Каспер Руд со Тејлор Фриц…, а кај тенисерките Швјонтек со Коко Гауф, што би било реприза од минатогодишното финале на Ролан Гарос, Џесика Пегула со Марија Сакари…, пишува АП.