Бијонсе, Тејлор Свифт и Хари Стајлс се само некои од имињата што се најдоа на оваа листа. Исто така, важно е да се истакнат некои нови артисти, кои заслужено се на листата. Покрај веќе популарните имиња на музичката сцена, свое место добија и помалку познати музичари, како Зак Брајан и бендот „Вет лег“.
10. Дрејк – „Honestly, Nevermind“
На десеттото место според списанието „Пејџ сикс“ се најде раперот Дрејк со албумот „Honestly, Nevermind“. Слушањето на Дрејк во 2022 година не звучи исто како во 2011 година. Во новиот албум, Дрејк ги отфрла своите хипхоп-корени за раскошни клупски ритми и експериментира со волшебни звуци. Дрејк и претходно го комбинираше грув-звукот, но овој пат тоа го направи на нов начин. Целиот албум е пријатно изненадување, кое го покажа неговиот музички опсег.
9. „Вет лег“ – „Wet Leg“
На деветтото место се најде бендот „Вет лег“ со истоимениот албум. „Вет лег“ може да бидат аутсајдери на „Греми“ оваа година, каде што се номинирани против етаблирани изведувачи како Бјорк и бендот „Јеа јеа јес“. Истоименото деби на дуото е заразна збирка на остри мелодии со дрски стихови.
8. Тејлор Свифт – „Midnights“
Тејлор Свифт се најде на осмото место на оваа листа. Нејзиниот десетти албум „Midnights“ ги документира нејзините автобиографски стихови за 13 непроспиени ноќи, каде што темите се фокусираат на омразата кон себе, растењето и љубовните приказни. Албумот се смета за мешавина од нејзините албуми „1989“ и „Reputation “ со истиот магичен текстопис.
7. Лизо – „Special“
Пејачката раперка Лизо се придржува кон музичката сцена од нејзиниот пробив во 2019 година со „Cuz I love you“. Песните „Damn Time“ и „2 Be Loved“ се само дел од хитовите од новиот албум.
6. Зак Брајан – „American Heartbreak“
На шестото место се најде деби-албумот на Зак Брајан. Има малку уметници што можат да го објават своето деби за голема издавачка куќа и да го задржат вниманието на луѓето. Зак Брајан го направи токму тоа со албумот „American Heartbreak“. Песните што ги напиша за овој албум опишуваат теми како што се губењето на мајка си и пронаоѓањето на трезвеноста. Во него има по нешто за секого и тоа е она што го прави овој албум вистинско уметничко дело.
5. Розалија – „Motomami“
На петтото место е албумот „Motomami“ на пејачката Розалија. Нејзината експериментална песна „Motomami“ е спој на различни музички жанрови, од фламенко до хипхоп, регетон и бачата. Розалија соработува и со врвни музичари, како Д Викенд и Фарел Вилијамс, па нема сомнеж дека и таа ќе стигне далеку на музичката сцена.
4. „1975“ – „Being funny in a Foreign language“
Популарната група „1975“ со својот албум „Being funny in a Foreign language“ се најде на четвртото место. Пејачот Мет Хили стана популарен на социјалните мрежи, како што велат обожавателите, поради неговиот симпатичен шарм. Последниот албум на бендот се смета за многу енигматичен и шармантен како Мет Хили.
3. Бед Бани – „Un Verano Sin Ti“
Албумот „Un Verano Sin Ti“на Бед Бани се најде на третото место. Ова е негов четврти албум и го смета за најсреќен во кариерата. Со летните хитови, како „Tití Me Preguntó“ и „Después de la Playa“, не е ни чудо што „Un Verano Sin Ti“ беше најсимнуваниот албум во 2022 година.
2. Хари Стајлс – „Harry’s house“
Очекувано, Хари Стајлс е високо на оваа листа на најдобри албуми за 2022 година. „Harry’s house“ го зазеде второто место, што не е чудно, бидејќи хитовите „As it was“, „Late night talking“ и „Satellite“ беа едни од најслушаните хитови минатото лето.
1. Бијонсе – „Renaissance“
Бијонсе со својот албум „Renaissance“ се најде на првото место. Со својот седми студиски албум, Бијонсе реши да остави музиката да зборува сама за себе. Албумот „Renaissance“ се смета за врв на нејзината кариера, а песната „Cuff it“ е една од најслушаните песни минатата година. Овој албум предизвика многу контроверзии. Покрај тоа што албумот излезе пред официјалниот датум, Бијонсе се најде во непријатна ситуација поради неовластено користење на дел од песната „Milkshake“ на колегата Келис.