Моментна цел ми е да станам велемајстор, бидејќи тоа е највисоката титула во шахот, а дури потоа би размислувал која би била следната главна цел, можеби и самиот светски врв, вели Николовски, дипломиран психолог, интернационален шаховски мајстор, репрезентативец, член на Гамбит Асеко СЕЕ…

НИКОЛА НИКОЛОВСКИ, ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР

Младиот шаховски интернационален мајстор (ИМ) Никола Николовски (24) е еден од плејадата млади и талентирани шахисти, кои со својот играчки талент на шаховската табла брзо се вивнаа кон врвот со резултатите и со прикажаните партии. Тоа беше доволно да ги брани боите на сениорската репрезентација на Македонија, но и да биде еден од стандардните членови на ШК Гамбит Асеко СЕЕ. А за тоа доволно е, меѓу другото, да ги споменеме победите на „Опен Параќин Б“ во 2014 година, неколку месеци потоа на Европскиот клупски куп во Шпанија стана ФИДЕ-мајстор (ФМ), во 2018 година ја освои титулата ИМ, а во 2019 година триумфира на турнирот „Опен Скопје“ во класичен шах. Двапати беше втор на Првенството на Македонија, во 2021 година беше прв на турнирот „ИМ Аск 3“ во Србија, а при крајот на таа година стана и првак на Скопје во брз шах.

Како ја оценувате на шаховски план минатата година?
– Изминатава 2022 година за мене беше полна со шаховски предизвици и нови искуства. Најзначајна ми беше Шаховската олимпијада (ШО) во Индија, но мора да го потенцирам и запознавањето нова култура, што беше одлично искуство. За 2023 година имам поставено одредени цели, од кои најбитна ми е да вложам многу труд во шахот, бидејќи сите други цели поврзани со шахот се достигнуваат со напорна работа. Во однос на рејтингот, годинава целта ми е да освојам нови 100 поени и да освојам уште една норма за титулата велемајстор.
Кој беше главниот „виновник“ да ја засакате древната игра?
– Шах почнав да играм уште во 2006 година, кога се зачленив во скопскиот шаховски клуб Гамбит Асеко СЕЕ. А за тоа е најзаслужна баба ми, која гледајќи ја на телевизија емисијата „Суперѕвезда“ се информира дека постои таков шаховски клуб, па реши да ме запише и да почнам да одам на часови. Мене ми се допадна тоа и, еве, до ден-денес играм шах. Уште од мала возраст идол ми беше мојот тренер, ИМ Орце Данчевски, кој покрај тоа што е одличен тренер, тој е и силен шахист.
Што претставува шахот за вас?
– Шахот пред сѐ ми претставува игра и задоволство, но со текот на времето доби и други улоги во мојот живот. Па така, со текот на годините запознав многу луѓе, посетив различни места и се запознав со различни култури. Покрај сите овие нешта, шахот во денешно време ми е и професија. Моментно цел ми е да станам велемајстор, бидејќи тоа е највисоката титула во шахот, а дури потоа би размислувал која би била следната главна цел, можеби и самиот светски врв.
Најдрагата победа?
– Најдрага победа ми е таа против германскиот велемајстор Сване Расмус во 2019 година на Европското екипно првенство во Грузија. Таа победа беше битна за мечот на крајот да заврши 2-2 против силната репрезентација на Германија, а беше значајна и за освојување на мојата прва и засега единствена велемајсторска норма.
Дали и колку ви помага психологијата во шахот?
– Психологијата најмногу ми помага при психичката подготовка, односно да се биде истраен во борбата што ќе трае неколку часа, а притоа да се бараат и да се употребат сите можни ресурси на шаховската табла за да се победи противникот од спротивната страна.


Лична карта

Роден: 17.9.1998 година во Скопје
Титула: интернационален мајстор од 2018 година
Клуб: Гамбит асеко СЕЕ
Моментен рејтинг: 2.347 поени
Образование: дипломиран психолог
Омилено отворање: затворена сицилијанска одбрана
Стил на игра: напаѓачки
Слободно време: физички вежби, читање книги, дружење со пријателите

[email protected]