Огромни класери со фотографии од некои минати и многу поубави времиња ја дочекаа екипата на „Нова Македонија“ во просториите на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Во тие класери стојат сликите на едно поубаво, побезгрижно време, кога главниот град имаше еден поинаков ритам околу новогодишните празници. Фотографии направени од новогодишните прослави почнувајќи од 1990-тите години, кога Македонија ја дочека својата независност. Уникатни фотографии од преполниот плоштад, од Дедо Мраз, кој за радост на децата доаѓа со хеликоптер, се спушта со падобран или со балон. На сите тие фотографии евидентно е едно нешто – неизмерната радост, спокој и задоволство на лицата на сите, од најмлади до најстари
НОСТАЛГИЈА ЗА ЕДНИ ПОУБАВИ ВРЕМИЊА
Еуфорично и помпезно. Со овие два збора може да се опишат организацијата и дочекот на Нова година во Скопје во некои поранешни, поинакви времиња. Од осамостојувањето до 2005 година, организацијата на новогодишната програма била во рацете на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, која со месеци однапред разработувала седумдневна програма за новогодишната анимација на скопјани.
ОРГАНИЗАЦИЈА СО НЕДЕЛИ ОДНАПРЕД
Огромни класери со фотографии од некои минати и многу поубави времиња ја дочекаа екипата на „Нова Македонија“ во просториите на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Во тие класери стојат сликите на едно поубаво, побезгрижно време, кога главниот град имаше еден поинаков ритам околу новогодишните празници. Фотографии направени од новогодишните прослави почнувајќи од 1990-тите години, кога Македонија ја дочека својата независност. Уникатни фотографии од преполниот плоштад, од Дедо Мраз, кој за радост на децата доаѓа со хеликоптер, се спушта со падобран точно напладне, а оди во другите краеви од целиот свет со балон.
На сите тие фотографии евидентно е едно нешто – неизмерната радост, спокој и задоволство на лицата на сите, од најмлади до најстари.
– Тоа беа едни други, убави и безгрижни времиња, кога Нова година беше големо случување за сите. Тоа беше време во кое скопјани се договараа, кога се дотеруваа и со денови го организираа пречекот на новата година – со овие зборови го започнавме разговорот со Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност.
Во рамките на Дирекцијата од осамостојувањето до 2005 година се реализирале и организирале програмата и целокупната организација за новогодишниот пречек.
– Уште во ноември се обраќавме до Градското собрание, каде што ги известувавме дека наскоро доаѓа Нова година и дека треба да се започне со подготовки. Набрзо добивавме потврден одговор со одреден буџет, кој ни беше ставан на располагање за организацијата – се присетува Глигоров.
Програмата била за сите генерации и возрасти. Децата биле категоријата граѓани на кои се посветувало најголемото внимание. Тие биле дел од украсувањето, од програмата, за нив имало специјални манифестации, кои се организирале за да измамат насмевка и радост на нивните лица.
– Во соработка со голем дел од скопските градинки, децата беа ангажирани за украсувањето и за китењето на дрвото бор, кое се наоѓа веднаш до кабинетот на градоначалникот. Тие имаа задача, заедно со своите учителки, рачно да изработат лампиони со кои потоа го украсуваа дрвото – вели тој.
Од неговото искуство има толку многу спомени што вредат да останат запишани. Од садењето елки со децата за Нова година во паркот „Жена-борец“, па до самата организација, тој не го крие задоволството за успешните организации на оваа свечена манифестација во минатото.
– Првата година организацијата беше заедно со ревијата „Екран“. Тие одбележуваа илјадити број и заедно со нас го организираа првиот пречек на Нова година. Втората година веќе Градското собрание ни даде зелено светло за да почнеме со новогодишните подготовки. Со украсувањето на градот започнувавме во почетокот на декември. Тогаш украсувањето беше екстензивна работа, не како денес, а сакавме да биде украсено уште за католичкиот Божиќ. Сите светилки на елката беа обични светилки во боја. За сето тоа требаше време да се постави и декорира – вели тој.
ЦЕЛИ СТРАТЕГИИ ЗА ДОАЃАЊЕТО НА ДЕДО МРАЗ
Тој вели дека тогаш имало и предновогодишна програма, која траела седум дена пред официјалниот пречек. Улични свирачи стоеле на едната и другата страна на Градскиот трговски центар, се одржувале концерти, секој ден имало по нешто ново.
– Вечерта за Нова година, гледавме да почнеме околу 19.30 часот, за да влеземе во вестите на Македонската радио-телевизија, но и за да имаме програма наменета за децата. Околу 21 часот имавме мал огномет, наменет за најмладата публика, бидејќи во тоа време децата си легнуваа доста рано, а потоа продолжуваше програмата за возрасните. Нема еден човек од тоа време што бил дел од естрадата, а да не учествувал во новогодишната програма – се присетува Никола.
Првата година, во 1990-та, добиле буџет од 600 илјади денари, кој бил стандарден за секоја Нова година. Сите пееле бесплатно, а потоа добивале скромен хонорар, меѓутоа ништо значително. Сите сакале да бидат дел од новогодишната ноќ, да пеат пред народот и заедно да се забавуваат.
– Огнометот го организираше „Сувенир Самоков“, кој точно на полноќ се активираше од кејот на Вардар – се сеќава тој.
Се работело на екстремни температури. И на сув студ и на снег. Она што низ насмевка ни го раскажа е токму доаѓањето на Дедо Мраз. Годините кога Дедо Мраз доаѓал со хеликоптер, хеликоптерот го земале од полицијата. Прво помалиот, но кога една година тој бил во дефект, од армијата на Република Македонија им го дале големиот хеликоптер, од кој активист на Црвениот крст се спуштил по скали на Камен мост.
– Една година имаше сув студ, снег немаше. Децата знаат дека Дедо Мраз има санка. Па го донесовме со хеликоптер, со објаснување дека тој е со санката на Водно, каде што има снег, и дека не може со санката да се спушти во градот, бидејќи нема снег. Имаше волонтер од Црвениот крст што знаеше да се симнува по скаличките, па тој облечен во облеката на Дедо Мраз се спушташе на Камен мост и веднаш влегуваше во куќичката наменета за настапувачите. Оттаму излегуваше Димче Мешковски, кој ги анимираше децата. Дедо Мраз беа и Благоја Чоревски и Душко Костовски. Дури испраќавме и пораки за децата од целиот свет, од Африка, од Азија… секоја година имавме и балон во кој Дедо Мраз заминуваше – вели тој.
Глигоров вели дека прославата воопшто не бил еднолична. Напротив, сите се забавувале, имало еуфорија кај народот.
– Скопјани се подготвуваа свечено за таа вечер. Се договараа, се дотеруваа. Сите имаа можност да проследат настап на естрадна ѕвезда по свој вкус. Многумина доаѓаа само да си ги видат омилените пејачи, па заминуваа во локалните кафеани. Немаше организиран пречек во секоја, во некои од нив слободно можеше да се влезе – раскажува тој.
ПОВЕЌЕ ОД 30 ИЛЈАДИ ПОСЕТИТЕЛИ
Глигоров вели дека списокот со настапувачи го објавувале една недела пред пречекот, да можат сите да видат чиј пејач кога настапува, да можат да дојдат и да го видат.
– Годината кога за новогодишната ноќ настапи Горан Бреговиќ, паметам тогаш луѓе стоеја и од другата страна на Вардар за да гледаат – вели тој.
Од многубројните анегдоти, секако дел беше и сега веќе починатиот Амди Бајрам. Според сеќавањето на Глигоров, една Нова година, Бајрам сакал да биде спонзор, па, во соработка со тогашен „Метропол“, на плоштадот се делеле сендвичи со плескавици, кои ги платил токму Бајрам.
– Сѐ беше поинаку тогаш. Скопјани, а често и граѓаните од другите градови, со душа го чекаа овој период од годината. Имавме сериозен број посетители. Луѓе стоеја на Камен мост, луѓе имаше дури и каде што е сега триумфалната порта. Би рекол, повеќе од 20-30 илјади посетители. И секогаш организацијата беше на ниво на задачата. Немаше инциденти, бевме организирани и посветени максимално. Имаше пожарна, брза помош, полиција, ангажирани беа и специјални редари, кои го запазуваа редот. А и сите беа дојдени за забава, немаше насилство како денес – раскажува Глигоров.
Според него, една година скопскиот плоштад успеале да го дополнат со лизгалиште, кое не било како она на скопското Кале, но сепак било со восхит дочекано од граѓаните, а особено од децата.
– Кога го поставуваа лизгалиштето, тоа беше со цевки и фреон, нешто како фрижидерите што работат. Не беше целосно мраз, туку како пластика. Немаше некој огромен квалитет, но беше атракција и сите доаѓаа да се лизгаат – вели тој.
Глигоров вели дека денес сѐ е поинаку. Тие од 2005 година повеќе не се дел од организацијата на новогодишната ноќ, но и амбиентот повеќе не е како порано.
– Нема повеќе радост, нема организација и ентузијазам како порано. Сѐ е веќе сменето и поинаку – со доза на жалење вели Глигоров.
daniela,[email protected]