Рускиот претседател Владимир Путин првпат ја нарече „исклучително тешка“ ситуацијата во окупираните територии на Украина, кои Русија ги прогласи за свои региони.
Путин изјави дека „ситуацијата во регионите на ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје е исклучително тешка“ и им порача на безбедносните сили во четирите окупирани региони дека мора да направат се за да ја обезбедат безбедноста на граѓаните во нив.
– Посебно би сакал да ги истакнам единиците на безбедносните агенции кои почнаа да работат во новите региони на Русија. Да, сега ви е тешко, ситуацијата во Доњецката и Луганската народна република, во регионите Херсон и Запорожје е исклучително тешка. Но, луѓето кои живеат таму се надеваат на вас, на вашата заштита – рече Путин.
Како што пренесуваат странските агенции, тој истакнал дека е должност на тајните служби да направат се за да обезбедат максимална безбедност на граѓаните и да ги заштитат нивните права и слободи. Исто така ветил и дека ќе обезбеди нови единици со современа опрема и оружје, како и искусен персонал.
Путин повика и на зајакнување на работата на безбедносните агенции во клучните области поради појавата на нови закани и им нареди на специјалните служби да ги држат под постојана контрола местата на масовно собирање на граѓаните, како и стратешките објекти на транспортната и енергетската инфраструктура.
Како што е наведено, рускиот претседател и наложил на ФСБ максимално да го искористи својот оперативен, технички и човечки потенцијал со цел строго да го контролира општеството.