Досега немаме пријава ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал и ги избркал, ниту пријава од граѓани, иако има јавување во полициска станица за недолично однесување на полициските службеници кои биле на пунктот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска информациите објавени во некои медиуми дека доцна синоќа „полициска патрола била протерана од Арачиново од вооружена група“.
Одделот за крим-полиција и внатрешната контрола, како што информира тој, денеска работат и со службен материјал ќе ги расчистат сите овие работи за да можат да информираат.
– Пренагласено е дека тоа било со оружје, но да видиме што ќе излезе на крај. Прво да видиме кој е случајот, за да знаеме што точно се случило, па после да можеме да разговараме за се друго- рече Спасовски, додавајќи дека треба да ги утврдат фактите за да видат што се случило.
Тој повтори дека досега нема службен материјал којшто укажува на тоа дека имало таков напад, па дури и вербален, врз полициски службеници.
– Затоа викаме да заврши комплетно, ќе ги имаме деталите во овој случај, да видиме дали ќе се потврдат таквите информации или не. Факт е дека се појавуваат многу информации во јавноста и тоа во последниот период, меѓутоа ќе мораме да реагираме во однос на целиот овој настан- рече Спасовски.
Како што објавија некои медиуми, во текот на вчерашниот ден, во скопско Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето, според овие наводи, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.
Полицајците од станицата во Арачиново, како што порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, биле протерани од вооруженара група откако претходно сопреле лице со возило без валидни документи
Дел од медиумите, според неофицијални информации, објавија дека доцна синоќа полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи. Лицето почнало да бега, а откако патролата тргнала по него била пресретната од вооружена група по што морала да го напушти местото
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска на прес-конференција кажа дека вооружени лица блиски до власта влегле со закани во полициско одделение во Арачиново при што четворица полицајци добиле наредба од претпоставениот да се повлечат од полицискиот пункт и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба.
Ова, како што вели Стоилковски, се случило затоа што протераните полицајци претходно сопреле лице со возило без валидни документи.