Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји денеска потврди дека наредниот месец, Босна и Херцеговина може да добие кандидатски статус за членство во блокот од 27 земји, како што претходно добија Украина, Молдавија и Грузија.
– Доколку има една позитивна последица на војната на Русија против Украина, тоа е, дека проширувањето на ЕУ е долгорочно решение за воспоставување мир, безбедност и просперитет. Во таа смисла, проширувањето сега е „топ“ приоритет, не само на нашите соседи, туку и на нас – изјави Вархеји.
Тој ја даде изјавата на прес-конференција во Барселона, каде се одржува форум на Унијата за Медитеранот.
– Ги удвоивме напорите, внатре во Европската комисија, со цел да ставиме на маса предлози за проширување. Оваа година веќе им дадовме кандидатски статус на три земји. Украина, Молдавија и на Грузија. Верувам дека оваа година ќе имаме уште една позитивна одлука за Босна и Херцеговина – додаде Вархеји.
Како што нагласи тој, со тоа „му даваме нов живот на проширувањето“.
– Но, се разбира, проширувањето е тежок процес. Сега земјите кандидати прво ќе треба да ги исполнат нивните задачи – посочи Вархеји.
Последната земја што стана членка на ЕУ, беше Хрватска во 2013 година.