Заклучно со вчера, кога истече рокот, за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека мерките за субвенционирана електрична енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи се направени за најмалку за 10 проценти да се намалат цените на таквите производи.
-Цената на електричната енергија се субвенционира и за основни и средни училишта за да се обезбеди непречено функционирање на образовниот процес, бидејќи не смее да дозволиме децата повторно да седат дома. Се субвенционира и за здравствените установи за да имаат непречено снабдување со електрична енергија и за водоснабдителните претпријатија кои работат со пумпи и пречистителни станици за урбани води за да не останат граѓаните без нивните услуги – рече Ковачевски.
Тој им укажа на локалните власти дека мерките не се за удопство, ниту на државна администрација, ниту, пак, на општинска администрација.
-Во време на криза не се финансира удопство и изобилие, туку солидарност. Овие мерки не се за да некој во време на криза ужива во удопство, а друг да не може да сврзи крај со крај. Овие мерки не се за да некој седи по канцеларии, да си вари кафиња, да држи состаноци и да чита весници. Тие мерки се за граѓаните. Затоа за комуналните претпријатија за снабдување со вода и за основните и средните училишта локалните власти да си поднесат барање за да се обезбеди се она што е потребно за децата и за граѓаните – потенцира Ковачевски.