Фото: принтскрин

Претседателот на Бугарија Румен Радев го окарактеризира нападот врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид како апсолутно неприфатлив чин на агресија, која, вели, со децении се гаи во Македонија против Бугарија и против Бугарите, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, државниот врв на Република Македонија и општеството треба да разберат дека патот кон ЕУ минува низ признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари, на бугарското културно и историско наследство.

Ова, според Радев, е начинот на кој граѓаните на Република Македонија ќе тргнат по патот по кој многупати изразиле дека сакаат да чекорат – со почит кон заедничката историја и заеднички длабоки историски корени.

Тој рече дека кога имало огромен притисок врз Бугарија безусловно да и дозволи на Република Македонија да започне преговори за членство во Европската унија, тогаш тој двапати наметнал вето и го покренал прашањето пред бугарските сојузници и партнери во Европската унија за правата на македонските Бугари.

Радев, во изјавата по отворањето на фабриката за автоделови во Враца, повторно порача дека нивните права прво треба да се гарантираат со внесување во Уставот на Република Македонија и дури потоа да се отвори патот за преговорите.

Тој потсети дека овој став до последно го бранеле тој и бугарската дипломатија и додаде дека тогаш биле далекувиди.