Москва склучи договор со Техеран за производство на стотици ирански дронови за нејзината војна во Украина, се вели во извештај на американскиот весник „Вашингтон пост“, кој цитира американски и западни разузнавачки извори. Според весникот, двете страни работат на започнување со производство во наредните месеци, согласно договор постигнат на почетокот на ноември, пренесе германската новинска агенција ДПА.
Русија, пишува ДПА, веќе употреби стотици дронови Шахед-136 од иранско производство. Тие можат да летаат неколку стотици километри, да кружат над целната област и потоа да се спуштат со својот експлозивен товар.
Москва негираше употреба на таканаречените дронови камикази, додека Иран претходно овој месец призна дека испорачувал дронови на Русија. Руската војска ги користи дроновите за напади врз енергетската инфраструктура на Украина. Сопственото производство ќе и овозможи на Москва дополнително да ги зачести ваквите напади.
Техеран моментално ѝ ги предава дизајните и клучните компоненти на Москва за таа да почне со производство, пишува „Вашингтон пост“, цитирајќи тројца владини претставници кои биле запознаени со разузнавачките наоди познати на американските и други западни безбедносни служби.