Севернокорејската интерконтинентална балистичка ракета лансирана во средата би можела да помине растојание од околу 15.000 километри и да стигне до континенталната територија на САД по својата нормална траекторија, потврди во својата изјава за новинарите јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада
Северна Кореја тестираше проектил што теоретски може да прелета до американскиот континент
Јужнокорејски и јапонски официјални лица потврдуваат дека Северна Кореја истрелала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), која слетала на само околу 200 километри од Јапонија, но со дострел доволен за да стигне до копното на САД. Според јапонските власти, претходно Северна Кореја предупредила и најавила „посилни воени одговори“ на зголеменото регионално безбедносно присуство на САД.
Севернокорејската интерконтинентална балистичка ракета лансирана во средата би можела да помине растојание од околу 15.000 километри и да стигне до континенталната територија на САД по својата нормална траекторија, изјави за новинарите јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада.
– Пресметките врз основа на патеките на летот покажуваат дека дострелот на ракетата може да надмине 15.000 километри, во зависност од тежината на боевата глава и други фактори. Значи, американското копно е во домет – рече тој.
Американски медиуми што ѝ посветуваат големо внимание на веста за балистичката ракета, наведуваат дека Северна Кореја направила рекорден број тестови на својата ракетна програма, а според процените на американскиот Стејт департмент, ова бил осми тест на ИЦБМ годинава. Се потенцира дека ИЦБМ е оружје со најдолг дострел на Северна Кореја, дизајнирано да носи нуклеарна боева глава до која било локација во САД.
Лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета веднаш беше осудено од Јапонија, Јужна Кореја и од САД. Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол се залага за силни санкции против Северна Кореја, додека Советот за национална безбедност на САД рече дека лансирањето претставува дрско кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН, непотребно ги зголемува тензиите и ризикува да ја дестабилизира безбедносната ситуација во регионот.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида испрати порака до Пјонгјанг дека Јапонија „апсолутно не може да толерира такви акции“. Лидерите на овие земји, меѓу другите, поради овие настани вчера одржаа итен состанок на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
Само во ноември, Северна Кореја лансирала 23 проектили
Северна Кореја во изминатиов период, како што се укажува од повеќе официјални извори, лансирала рекорден број ракети, вклучувајќи и интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ). Таа, со последното лансирање вчера предупреди дека се можни „посилни воени одговори“ на напорите на САД да го засилат своето безбедносно присуство во регионот со своите сојузници.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја ја обвини соседната држава дека само во средата на 2 ноември лансирала 23 проектили од различни типови, повеќе од кога било досега. Една од балистичките проектили со краток дострел, лансирана во правец на јужнокорејскиот остров Улеунг, предизвика предупредување за воздушен напад и го налути Сеул бидејќи ја премина северната поморска граница на одвојување. Еден ден подоцна беа лансирани уште четири проектили во Јапонско Море. Само во оваа година, Пјонгјанг истрела повеќе од 60 проектили. Непосредна причина за масовното лансирање на почетокот на ноември беа претходните заеднички воени вежби на Јужна Кореја и на САД.
Но штракањето на нуклеарното оружје не е од вчера, тоа трае веќе неколку децении. Во 2003 година, Северна Кореја се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, само за да го изврши првиот тест на нуклеарна бомба во 2006 година, по што голем број земји воведоа санкции. Се проценува дека има арсенал од околу 30-40 нуклеарни бомби и доволно фисибилен материјал за производство на уште шест-седум годишно. Воени експерти тврдат дека Северна Кореја издвојува огромни средства за развој на својата нуклеарна програма, кои се движат меѓу петтина и четвртина од нејзиниот БДП.
Експертите проценуваат дека ракетите со краток дострел лансирани во средата чинат меѓу две и три милиони долари, многу помалку отколку што би ги чинеле развиените земји поради трошоците за работна сила. Но вкупните трошоци за лансирање на тој ден може да се движат меѓу 50 и 75 милиони долари, приближно колку што Пјонгјанг потроши во 2019 година за увоз на ориз од Кина за покривање на недостигот од жито.
Во својот септемвриски извештај, државниот Корејски институт за одбранбени анализи во Сеул процени дека Северна Кореја досега потрошила околу 1,6 милијарда долари на својата нуклеарна програма.
Се поставува прашањето зошто толку сиромашна земја издвојува толку многу средства за развој на нуклеарна програма и ракети, колку е навистина напредна и што сака да постигне Пјонгјанг со својот развој и постојаните провокации.
Какво нуклеарно оружје има Северна Кореја?
Најпрво, важно е да се напомене дека преостанатото севернокорејско оружје, како што се авионите и тенковите, е застарено и во полоша состојба од, на пример, руското. Бидејќи развојот или увозот на вакво модерно оружје би бил многу скап, Северна Кореја главно ги става сите карти на развојот на нуклеарно оружје и ракети со кои може да го лансира. Војната во Украина им потврди на властите во Пјонгјанг колку е важно да се има нуклеарно оружје, со кое светот може да биде уценуван и одвратен од напад.
Севкупно, Северна Кореја изврши шест нуклеарни проби од 2006 до 2017 година.
Во првиот тест во 2006 година се проценува дека енергијата на експлозијата е помала од еден килотон (1 кт = 1.000 т) од конвенционалниот експлозив ТНТ. На тестот во 2009 година тоа беше околу два килотона, во 2013 година околу осум килотони, во јануари 2016 година помеѓу четири и шест килотони, а во септември 2016 година околу 10 килотони. Последниот тест на Северна Кореја беше спроведен во септември 2017 година. Се проценува дека таа експлозија имала енергија од 100 до 370 килотони. Северна Кореја тогаш тврдеше дека тоа е нејзината прва термонуклеарна или фузиска бомба. За споредба, нуклеарната фисиска бомба фрлена врз Хирошима имаше моќност од околу 15 килотони.
Експертите веруваат дека по неодамнешните масовни лансирања проектили, Северна Кореја би можела да изврши седма проба во наредните месеци. Има индикации дека се подготвува за ова, бидејќи по неколку години се пријавени нови активности на полигонот Пунгје-ри. Сепак, се верува дека овој пат тоа би можело да биде тестирање на помал тип нуклеарна боева глава, која би можела да биде поставена на голем број проектили, вклучувајќи ги и оние со краток дострел.
Кој е дострелот на севернокорејските ракети?
Освен нуклеарни бомби, Северна Кореја развива и разни балистички ракети и крстосувачки и хиперсонични ракети. Нуклеарните бомби се од мала корист, освен ако не се носат со софистицирани ракети што можат да ја избегнат одбраната.
Хиперсонични проектили летаат со неколкупати поголема брзина од звукот (5-10 Мах) на мала височина за да избегнат радарско откривање.
Експертите веруваат дека овој развој на настаните е важен за комунистичкиот режим, бидејќи покажува дека има технологија што може да ги надмине скапите и сложени одбранбени системи што Америка и Јапонија ги распоредуваат низ целиот регион.
– Се чини мошне јасно дека нивната цел е да развијат оружје со многу развиени маневарски способности, кое може да ја избегне и да ја искомплицира одбраната од проектили, кое САД тешко би го откриле, а камоли да успеат да го пресретнат – изјави за Би-би-си Дујеон Ким од Центарот за новиот американски век.
Севернокорејските ракети можат да стигнат до сите делови на САД
Важно е Северна Кореја да покаже дека може да им се заканува на нејзините главни противници – Јужна Кореја, Јапонија и САД. За да го постигне ова, мора да покаже дека има боеви глави и проектили што можат да ги однесат каде и да треба тие боеви глави.
Се верува дека проектилот со среден дострел истрелан над Јапонија на 4 октомври 2022 година е „хвасонг-12“, кој може да прелета растојание од околу 4.500 километри, доволно за да го погоди американскиот остров Гуам.
Северна Кореја ја тестираше и балистичката ракета „хвасонг-14“, која има дострел од околу 8.000 километри, а можеби и 10.000 километри, што значи дека може да го погоди Њујорк.
Ракетата „хвасонг-15“ има уште поголем дострел од околу 13.000 километри, што значи дека може да достигне до сите делови на континенталниот дел на САД.
Во 2020 година, Северна Кореја ја претстави својата најмоќна балистичка ракета досега, „хвасонг-17“, која може да има дострел од околу 15.000 километри или повеќе. Се претпоставува дека може да носи три или четири боеви глави, наместо само една, што би ја отежнало одбраната.
Во 2021 година, Северна Кореја го лансираше т.н. нов тип тактичко наведувана ракета, за која тврдеше дека може да носи околу 2,5 тона, што значи дека може да носи нуклеарна боева глава.
Го Мионг-хјун, аналитичар во институтот за политички студии „Асан“ во Сеул, проценува дека Северна Кореја има околу 1.000 балистички проектили, „што е повеќе од доволно за да ја продолжи кампањата за притисок за време на претседателските избори во САД во 2024 година за да се обиде да добие детант, санкции и други отстапки“.
Во последното лансирање на 4 ноември, Северна Кореја истрела потенцијална интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), најверојатно „хвасонг-17“, но, според јужнокорејската војска, таа предвреме паднала во морето.
Што сака да постигне Северна Кореја?
Следното прашање е што сака да постигне Северна Кореја со својот нуклеарен егзибиционизам. Имено, очигледно е дека со започнување директен нуклеарен конфликт со Јужна Кореја и со САД би потпишале смртна казна, така што тоа не е реална опција. Професорот Ким Донг Јуп, поранешен командант на јужнокорејската морнарица, верува дека Пјонгјанг сака да обезбеди различни одбранбени способности за одвраќање.
Но Пјонгјанг измина долг пат од точката на која неговите конвенционални и нуклеарни капацитети станаа доволни за оваа цел, дотолку повеќе што јужнокорејските и американските власти повеќепати покажаа дека немаат намера да го нападнат или да го уништат севернокорејскиот режим.
Анкит Панда, од фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, верува дека една од причините за опседнатоста со нуклеарната програма е тоа што, спротивно на перцепциите однадвор, севернокорејските власти не веруваат дека имаат доволно оружје за да се одбранат.
– Ким Џонг-ун се чувствува хронично несигурен. Мислам дека не му верува никому, вклучувајќи ги и Кина и Русија, па може да почувствува потреба да ги изгради своите способности над она што ние мислиме дека е доволно – вели Панда.
Повеќето експерти се согласуваат дека Северна Кореја сака да издејствува укинување на санкциите на краток рок. За да се постигне ова, мора некако да ги натера САД да се приклучат кон преговорите. Со поранешниот американски претседател Доналд Трамп постигна одредено поместување во ова, но тешко е за верување дека ќе постигне нешто слично со сегашниот.
– Џо Бајден го нарече Ким Џонг-ун тиранин. Мислам дека тој има многу мала политичка корист од тоа да биде виден со Ким. Затоа мислам дека е потребна голема криза за Џо Бајден навистина да се ангажира – изјави Панда за Би-би-си.
Професорот Брајан Ар Мајерс од јужнокорејскиот универзитет „Донгсео“ вели дека Северна Кореја би сакала да го искористи својот арсенал како потпора за да преговара за мировен договор со Јужна Кореја и САД да се повлечат од Корејскиот Полуостров. Потоа, вели тој, Северот верува дека ќе може слободно да доминира врз Југот.