Шварцарската поморска компанија „Масоел Шипинг“ денеска соопшти дека се ослободени преостанатите 12-мина членови на екипажот на нејзиниот товарен брод, што беше киднапиран на 22 септември во близина на бреговите на Нигерија.
– Пиратите во саботата во пристаништето Порт Харкорт во Нигерија ослободија седум Филипинци и по еден Словенец, Украинец, Романец, Хрват и Босанец, кои беа киднапирани во септември. Тие во моментов се наоѓаат во Швајцарија, пред да отпатуваат за своите земји, соопшти компанијата со седиште во Женева.
Во соопштението се наведува дека компанијта не може да објави детали за нивното ослободување, со цел да не се поттикнат други слични постапки.
Бродот, кој превезувал жито од Лагос за Порт Харкорт, беше киднапиран на 22 септември, при што напаѓачите веднаш ослободија петмина членови на екипажот, додека останатите 12 ги задржаа во заложништво.
Во меѓу време, полските власти соопштија дека во близина на Нигерија бил киднапиран бродот „Померанија Скај“, што пловел под либериско знаме, со 11 членови на екипажот, од кои осуммина Полјаци, двајца Украинци и еден Филипинец.
– Нашиот Конзулат во Хамбург е во контакт со сопстевникот на бродот, а Конзулатот во Абуџа со локалните власти. Тоа е се што можам да кажам, изјави полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович.