Русија утрово изврши голем ракетен напад врз Одеса, јавуваат светските медиуми, а кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефовите на регионалните администрации ги потврдија нападите врз критичната инфраструктура во Одеса и Дњепар.
Локални функционери рекоа дека во Киев и Дњепар работат системите за противвоздушна одбрана со цел соборување на проектили. Според неофицијални информации, експлозии се слушаат и во неколку други градови, кои најверојатно потекнуваат од системот за противвоздушна одбрана.
Познавачите претпоставуваат дека се работи за уште еден напад врз украинската енергетска инфраструктура.
– Непријателот мисли дека ќе ја ослабне нашата одбрана со удар на енергетската инфраструктура. Тоа е наивна тактика на кукавици и губитници, но ние сме подготвени на тоа – изјави шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.
– Украина веќе претрпе исклучително тешки удари, кои ги немаа резултатите на кои се надеваа руските кукавици. Нема да успеат, ние ќе ги згазиме – додаде Јермак.
Украинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на украинскиот премиер Денис Шмихал, јави дека Русија утринава ја гаѓа украинската инфраструктура за производство на гас и фабриката за ракети.
Кирило Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, рече дека неколку експлозии одекнале во центарот на Дњепар. Оштетени се два инфраструктурни објекти, а најмалку едно лице е повредено.