За празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа, пак, значи дека уште во 11 век, на писмен документ имаме потврда дека во Македонија, и пред Србите и пред Бугарите, ние Македонците сме одбележувале домашен празник, слава и крсно име, велат нашите соговорници
Почнува периодот на православните домашни слави
Крајот на календарската година е период што во македонската традиција е познат како време на зимските слави. Историски тоа се денови што православните верници ги поминуваат во семејна атмосфера пред божиќните празници. Тоа е една од македонските традиции што се претвориле во масовни прослави. Ковид-пандемијата речиси три години ја измести оваа традиција. Голем дел од семејствата продолжија да ги празнуваат светителите, но почитта ја оддаваа со мали семејни прослави во најблискиот круг.
Дали се враќа духот на старите прослави или, пак, најголем дел од семејствата што имаат домашни слави се приспособуваат на новите трендови?
Оваа дилема ја имаат многумина што имаат слава, но и многумина што биле дел од славските прослави.
– Не знам како ќе биде годинава, имаме слава за Свети Архангел Михаил, но можеби и годинава ќе останеме во домот со најблиските. Некако и економската криза сега е проблем. Важно е да ја одржиме традицијата, а не дали ќе има пет, десет или 30 гости – вели Елена, чија фамилија со децении го слави овој празник.
Лекарите советуваат дека иако пандемијата е зад нас, сепак треба да бидеме внимателни.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека славите што претстојат во следниот период, односно во ноември и во декември, се прославуваат најмасовно меѓу православните верници.
Сепак, според нив, не е важна масовноста, најважна е почитта кон светителот што се слави.
– Почетокот на зимските слави веќе почна со празникот Света Петка, кој се празнуваше кон крајот на октомври. Потоа се одбележува Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола на 19 декември – објаснува свештенството на МПЦ.
Според теолозите, секој верник има различен пристап во изборот на тоа кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник или слава.
Повеќе да се грижиме за духовното, а потоа за трпезата, за храната и за гостите
Отец Бобан Митевски од Скопската епархија при МПЦ-ОА вели дека домашната слава претставува дел од една традиција на оддавање почит кон конкретен светител, кој се смета за семеен заштитник.
– Покрај домашните, постојат и чествувања во чест на заштитници на градови, села, институции. Така, на пример, Охридската архиепископија со особена почест го одбележувала Благовештението на Богородица како свој празник. Инаку, славите на светителите, изразено во домашното, или градското или селското празнување – значат прославување на Бога, кој се прославил во своите светии, и оддавање почит кон светителот што го сметаме за наш молитвен закрилник и кому му се обраќаме за застапништво пред Бога. Секако, слава може да биде и некој празник, односно настан, кој кај нас побудува духовност. Во минатото, славата означувала време кога семејството прави жртва, односно принос, канејќи ги во своите домови сиромашните и бедните, за да ги нахрани и угости. Но домашната трпеза претставувала продолжение на духовната трпеза – на литургијата. Особено на денот на славата, семејството треба да биде на литургија во храмот и споменот на својот закрилник да го одбележи, пред сѐ, духовно, со молитва. Значи повеќе да се грижиме за духовното, а дури потоа за трпезата, за храната и за гостите – објаснува отец Митевски.
Од 11 век Македонците одбележувале домашен празник
Професорот Ратомир Грозданоски во своите теолошки толкувања на верата објавени на неговата веб-страница пишува дека историјата на домашни слави во Македонија има долги корени.
– За празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа е прв запишан случај на одбележување домашен празник кај словенските народи. Празнувањето се случило во градот Девол, кој денес не постои. Тој град се наоѓал јужно од Охрид. Еден наш војсководец, Македонец, по име Ивец, празникот Успение на Пресвета Богородица, Голема Богородица (на 28 август, по нов календар), го празнувал како своја домашна слава или крсно име, како што стои во записите. Неговиот противник, византиски војсководец, знаејќи дека на слава, според обичајот, дома се прима секој што ќе дојде, отишол на гости кај Ивец. Домаќинот го примил во својот дом, иако биле непријатели. Откако добро го нагостил, лукавиот Византиец, пред заминување, му рекол: „Може ли нешто да поразговараме насамо, во четири очи, само ние двајцата?“ Се тргнале малку настрана, во дворот, и притоа го ослепел. Нечесно и злобно, Византиецот ги злоупотребил гостопримството и домашниот празник на македонскиот војсководец Ивец. Токму поради тоа настанот е запишан во еден стар запис, бидејќи тој направил такво злодело, на денот на славата. Тоа, пак, значи дека уште во 11 век, на писмен документ имаме потврда дека во Македонија, и пред Србите и пред Бугарите, ние Македонците сме одбележувале домашен празник, слава и крсно име – вели професорот Грозданоски.
Претстојни зимски верски празници
Архангел Михаил – 21 ноември
Свети Климент – 8 декември
Свети 15 тивериополски маченици– 11 декември
Свети Никола – 19 декември