Стотици жители на југоисточниот дел на Австралија погоден од поплавите беа спасени со хеликоптери и чамци откако нивото на водата нагло се зголеми денеска, отсекувајќи цели градови од остатокот од земјата и поплавувајќи куќи, автопати, мостови и фарми.
Тимовите за итни случаи се во Нов Јужен Велс со хеликоптери кои спасуваат луѓе од покривите и над 200 спасувања од поплавите се спроведени во изминатите 24 часа. Некои луѓе најдоа спас од поплавите во врвовите на дрвјата, според Противпожарната служба на Нов Јужен Велс.
Според официјалните информации, досега со хеликоптери се спасени 67 лица.
Значајните дотоци на вода во браната Вајангла на реката Лахлан предизвикаа излевање на рекордни количества вода. Во еден момент од браната истекувале 230.000 мегалитри дневно.
Поради метеоролошкиот феномен Ла Нина, кој носи обилни врнежи, источна Австралија е по четврти пат поплавена годинава.
Обилни дождови наврнаа најмногу во сојузните држави Нов Јужен Велс и североисточниот дел на Викторија. Откако се достапни записите, податоците покажуваат дека во градот Каура, на 300 километри западно од Сиднеј, во изминатите 24 часа наврнало најголемо количество дожд во однос на последните 118 години.
Премиерот Доминик Перотет рече дека федералната влада ќе распореди дополнителни 100 екипи за помош. За помош пристигнаа доброволци од Нов Зеланд, а помош беше побарана и од САД и Сингапур.