Индонезиското министерство за сообраќај соопшти дека со авионот патувале 178 возрасни лица, едно дете, две бебиња и осум лица на екипажот. Според некои информации, меѓу патниците во авионот на „Лајон ер“ имало и 23 службеници на индонезиската влада

Индонезиските власти соопштија дека најверојатно нема преживеани лица по уривањето на авионот на компанијата „Лајон ер“, во кој имало 189 патници и членови на екипажот. Авионот „боинг 737 макс 8“ се урнал непосредно по полетувањето од Џакарта. Првичните информации говорат дека пилотите на авионот побарале итно слетување непосредно полетувањето, но потоа леталото загубило контакт со контролата на летањето на аеродромот во индонезиската престолнина, јавуваат светските медиуми.

– Предвидувам дека нема преживеани лица, врз основа на деловите од тела што досега беа пронајдени – изјави Бамбанг Сурио, шеф на индонезиската служба за спасување.

Според него, продолжува операцијата за лоцирање и прибирање на остатоците од авионот. Ројтерс пренесува дека авионот требало да лета од Џакарта до Пангкал Пинанг, на островот Суматрот, лет во траење од околу еден час. Но контролата за летање загубила контакт со авионот 13 минути по полетувањето.

Индонезиското министерство за сообраќај соопшти дека со авионот патувале 178 возрасни лица, едно дете, две бебиња и осум лица на екипажот. Според некои информации, меѓу патниците во авионот на „Лајон ер“ имало и 23 службеници на индонезиската влада.

Станува збор за прва несреќа со летало од типот „боинг 737 макс 8“, кое првпат беше пуштено во комерцијална употреба во мај 2017 година. „Лајон ер“ соопшти дека авионот, кој се наоѓал на летот јт610, имал само 800 часа лет. Според компанијата, авионот пред полетувањето бил исправен, а пилотот и копилотот досега заедно имале остварени 11.000 часа летање.


Колкави се шансите за преживување на авионска несреќа?

Колкави се шансите за преживување на авионска несреќа? Досегашните истражувања даваат изненадувачки резултати, па, така, според Американскиот комитет за безбедност во транспортот, над 95 отсто од лицата присутни во авионите, ги преживеале инцидентите. Бројката е помала кога станува збор за најсериозните инциденти, и се движи околу 55 проценти.
Шансите за преживување во најголем дел зависат од фактори како што се присуството на пожар, висината на која се случува инцидентот, како и нејзината локација. Истражувањето на Европскиот совет за безбедност во транспортот покажува дека околу 90 отсто од авионските инциденти технички може да се преживеат.
Експертот Том Фариер истакнува дека шансите за преживување најмногу зависат од три фактори – колкав удар претрпело телото, колкава штета е направена на авионот и дали остатоците од леталото и неговата околина се безбедни.


Како е можно толку нов авион да се урне?

Уривањето на индонезискиот патнички авион „боинг 737 макс 8“ изненади многумина, бидејќи станува збор за сосема ново летало, пуштено во комерцијална употреба во 2017 година. Авионот што вчера се урна по полетувањето во Џакарта беше во употреба од 15 август годинава, а досега имаше поминато само 800 часа во лет. Па се поставува прашањето како е можно толку нов авион да се урне?
Истрагата допрва треба да ги покаже причините за трагедијата, во која загинаа над 180 лица, но најчесто станува збор за комбинација од човечки фактор и технички проблем. Аналитичарот Гери Сојетман за Би-би-си истакнува дека постарите авиони најчесто имаат најголем ризик од инциденти, но оти и најновите летала носат висок ризик.
– Ако е многу нов авионот, тогаш некои проблеми сами се откриваат со редовното користење на леталото. Тоа обично се средува во првите три месеци – додава Сојетман.
Според него, во овој случај најверојатно станува збор за технички проблеми, но сѐ уште е рано со сигурност да се каже.
Компанијата „Боинг“ наведува дека серијата „737 макс“ е најбргу продаван авион во нејзината историја и досега има речиси 4.700 нарачки.