Фото: Пиксабеј

Во болести на простатата се сметаат: бенигната хиперплазија на простата (БПХ), воспаленијата – простатитот како и малигните заболувања (аденокарцином, сарком)

Автор: Прим. д-р Илберт Адеми, уролог

Простатата е машки репродуктивен орган кој произведува течност односно секрет, таканаречен простатичен секрет, која ги транспортира сперматозоидите за време на ејакулацијата. Тоа е во корелација со тестисите, епидидимисот, семените везикули и семените канали. Се наоѓа помеѓу мочниот меур и пред дебелото црево – ректумот. Однадвор наликува на костен. Максималниот тродимензионален дијаметар е од 3-5 сантиметри и има тежина од 15-22 грама. Во средината на простатата минува уретрата низ која поминува урината и се испразнува мочниот меур.

Болести на простата

Во болести на простатата се сметаат: бенигната хиперплазија на простата (БПХ), воспаленијата – простатитот како и малигните заболувања (аденокарцином, сарком).

Бенигна простатична хиперплазија (БПХ)

БПХ се дефинира како бенигно (неканцерогено) зголемување на простатичната жлезда, предизвикано од раст на нови клетки. Една од најчестите состојби што ги засега повозрасните мажи и може да води до појава на симптоми на долните уринарни патишта. Напредните години и тестикуларните андрогени играат централна улога.
До пубертетот, простатата е многу мала, тивка и неактивна. Во пубертетот со активирање на хормоналната рамнотежа почнува да расте и ги достигнува горенаведените димензии до третата деценија од животот и така останува до возраст од 40-45 години. Растот и зголемувањето на простатата започнува по 40-45 годишна возраст. Ова зголемување е бавно и трае 10-25 години, поради што е тешко да се предвиди кога ќе се појават првите проблеми со мокрењето. Да, најочигледните проблеми се на возраст од 60 години. Кај некои поединци имаме побрз раст и потреба од претходна хируршка интервенција.

Во литературата се споменува дека најмладиот пациент кој бил опериран од простата имал 42 години. Дури и во Македонија, според нашите докази, најмладиот пациент имал 43 години.

По 60-тата година, тројца од четворица мажи се жалат на проблеми со простатата, додека по 70-та година речиси секој пациент се жали. Се проценува дека една третина од мажите постари од 55 години имаат зголемена простата. Според статистичките податоци, 5 отсто од пациентите до 50-годишна возраст имаат потреба од операција, 15 отсто на возраст од 50-60 години и 50 отсто на возраст од 60-70 години.

Етиологијата е непозната. Се претпоставува дека проблемот лежи во хормоналните промени – андрогените. Тестостеронот под влијание на ензимот 5- алфа редуктаза се претвора во ДХТ – дихидротестостерон, за кој се смета дека директно влијае на зголемувањето на жлездата. Тоа не е поврзано со прекумерна сексуална активност за време на младоста. Вклучени се скоро сите раси, но тие повеќе доминираат кај црната раса во Америка, а помалку во жолтата раса, имаме елементи за генетска предиспозиција, т.е. семејно наследство.

Во однос на симптоматологијата, секој маж со БПХ не секогаш има симптоми на сенилна простата, до крајот на животот може да оди со мали или без никакви проблеми. Големината на простатата не е секогаш пропорционална со тежината на чинот на мокрење. Понекогаш дури и малку зголемена простата може да доведе до акутна уринарна ретенција.

Симптомите се поделени на:
а) Иритативни како што се зачестеност, ноктурија (ноќно мокрење), ургентност и инконтиненција;
б) Обструктивни како што се слаб уринарен млаз, продолжено мокрење, абдоминално напнување, колебливост, испрекинатост, нецелосно празнење на мочниот меур и терминално и пост-воидално капење како и
в) Асоцираните симптоми: дисурија, хематурија, хематоспермија.

Еволуцијата на болеста на БПХ е долгорочна и поминува низ три фази:
-Прва фаза: Се манифестира со знаци на ноктурија 1-2 пати, дизурични проблеми – болка при мокрење, полиурија во текот на денот, намалување на моќта и брзината на мокрење, напнување. Оваа фаза може да трае од неколку месеци до неколку години.
-Втората фаза: Покрај знаците на првата фаза (освен ноктурија 3-5 пати), овде е карактеристично нецелосно празнење на мочниот меур (50 милилитри но понекогаш и до 900 милилитри).
-Трета фаза: Се карактеризира со целосна хронична ретенција – стадиум на дистензија на мускулите на мочниот меур, појава на билатерална хидронефроза со знаци на бубрежна инсуфициенција, запек и гастроинтестинални проблеми, губење на апетит, дехидрација… Преливна инконтиненција – мокрење со излевање.

Познати ризик фактори на БПХ од долгорочните студии и клиничките испитувања се: зголемуваљњето на волуменот на простата, зголемувањето на серумското ПСА, возраста и симптомите на долните уринарни патишта.

Дијагнозата на БПХ се поставува врз добро земената анамнеза, прашалник (IPSS) односно симптом скорот, дигиторектален преглед, лабораторија: ПСА (простатичен специфичен антиген), уреа, креатинин, урин седимент, уринокултура, ултразвук, уродинамика, ртг-интравенозна урографија, ЦТ урографија и експлоративната цистоскопија.

Инаку, интернационалниот простата Симптом скор (IPSS) е интернационален стандард и е препорачан од Европската асоцијација на уролози (ЕАУ). Прашалникот се заснова на анкетирање, содржи седум прашања за тежината на симптомите и се оценува според вкупниот резултат за симптоми, односно: 0-7 (лесни), 8-19 (средно-тешки), 20-35 (тешки). Осмото е самостојно прашање за квалитет на живот.

Најтешка компликација на БПХ е акутната ретенција на урина (АУР). АУР може да се јави кај 25 отсто од мажите и се смета за индикација за хируршки зафат на простатата. Од другите компликации на БПХ се набројуваат хематуријата, везикоуретералниот рефлус (ВУР) и хидронефрозата, калкулоза на мочен меур, диверикулум на мочен меур и хроничното бубрежно затајување.
Спрема ЕАУ водичите целта на терапијата е да ги подобри симптомите на долните уринарни патишта и квалитетот на живот и да ги превенира компликациите поврзани со БПХ, како што се уринарната ретенција или дилатацијата на горните уринарни патишта односно хидронефрозата. Иницијалниот менаџмент на мажите со симптомите на долните уринарни патишта поврзани со БПХ може да се категоризира како: следење, медикаментозна терапија, хируршки пристап, нехируршка интервенција.
Терапијата ќе зависи од: симптоматска и асимптоматска БПХ, големината на простата, согласноста на пациентот да зема медикаменти, согласноста за хируршка интервенција, потребата за брзо ослободување или подготвеност да чека до ослободување на симптомите и ризикот на пациентите да развијат компликации.
Следењето е прифатлива опција за мажи кај кои ризикот од прогресија е мал. Редовното следење дозволува докторите и пациентите да проценат дали симптомите се подобруваат или влошуваат. Следењето е посоодветно за оние со помалку вознемирувачки симптом скор и имаат мал ризик за прогресија како мала простата (<30 мл) и низок ПСА (<1.5 нг/мл).

Достапната медикаментозна терапија за БПХ е со:

а) Алфа-блокери (тамсулосин, теразосин, доксазосин, алфузосин);
б) 5 алфа-редуктаза инхибитори (5ARI) како финастерид и дутастерид;
в) Комбинирана терапија
д) Фитотерапија а во последно време се употребуваат и мускарински антагонисти и Бета 3 – агонисти.

Медикаментозната терапија може да биде како моно терапија на пример само со алфа блокери но може да биде и комбинирана: алфа блокери заедно со 5 алфа-редуктаза инхибитори. Алфа блокерите делуваат на блокирање на алфа рецепторите на вратот на мочен меур и со тоа го олеснуваат мокрењето. Освен во простатичната жлезда алфа рецепторите ги има во вратот на м.меур и во долната третина на уретерот и имаат почеток на дејство по две недели. 5 алфа-редуктаза инхибитори се даваат кај простати со волумен поголем од 30 или 40 милилитри. Делуваат во намалување на волуменот на простата повеке до 20 отсто во првите 12-24 месеци на употреба. После употреба од 6 месеци го намалува нивото на ПСА за двојно. Поради ова треба многу внимателно да се одлучи ординирањето на 5 алфа-редуктаза инхибитори кај пациенти со малку зголемени вредности на ПСА, поради ненамерно маскирање на клиничката слика за карцином на простата. Комбинираната терапија со алфа блокери заедно со 5 алфа-редуктаза инхибитори ги подобруваат симптомите и го намалуваат ризикот од прогресија на БПХ до 66 отсто, се намалуваат компликациите од БПХ како АУР а и се намалува потребата од хируршки третман до 48 отсто.
Фитотерапија означува употреба на различни хербални соединенија кои се употребуваат за третман на симптомите на БПХ. Тие се билни екстракти како: сереноа репенс, хипоксис ропеи, риогенум африканум, кукурбита пепо, уртика дионика ет уреанс, опунтиа, ехинацеа пурпуреа и многу други. Имаат нејасен механизам на дејство. Некои мажи чувствуваат подобрување на нивните симптоми. Постојат ограничени податоци од рандомизирани контролирани студии. Моменталните водичи не препорачуваат фитотерапија за третман на БПХ.

Доколку се појави АУР и другите споменати компликации тогаш се поставува индикација за хируршки третман. Постојат минимално инвазивни техники како: трансуретрална микробранова терапија (TUMT), трансуретрална иглена аблација (TUNA) и други, како и хируршки интервенции: Трансуретрална ресекција на простата (TURP), отворена простактектомија (абдоминална хирургија), трансуретрална инцизија на простата (TUIP) или на вратот на мочен меур, трансуретрална вапоризација на простата (TUVP) и ласерска хирургија.

Простатитис

Простатитисот е збунувачка болест и за пациентот и за лекарот. Акутниот простатитис генерално полесно се открива поради клиничката манифестација која е изразена и типична, за разлика од хроничниот простатитис кој е атипичен и варијабилен. Според видот и сериозноста на симптомите на простатитис, ги делиме на:

а) Акутен: се појавува кај пациентот пред 40-годишна возраст: седење на ладни места, возење велосипед, мотор, пиење ладни течности, перверзни сексуални дејствија,
б) Хроничен: почеста од акутната, често поминува со релаксации на акутната, возење велосипед, климатски промени в) Посебен облик на простатитис: грануломатозен
Според видот и причината, ги делиме: а) Неспецифични: бактериски, б) Специфични: TBC
в) Венерични и сексуално преносливи: сифилис, гонореја, кламидија, микоплазма, уреаплазма

Според начинот на презентација на инфекцијата ги делиме на:
а) Асцендентен: од уретрата,
б) Десцедентен: бубрези и уретери
в) Лимфоген,
г) Хематогени: ангина, грип, воспаление на белите дробови, забите,
д) Директно: од блиските органи: хемороиди, перианални фистули

Дијагнозата на простатитисот се потврдува во зависност од етиологијата.

Симптоматологија на акутен простатитис: симптомите се појавуваат ненадејно со вртоглавица, релативно висока но и висока температура, често мокрење, чувство на печење во уринарниот тракт, грчеви и стегање на мочниот меур, тешкотии при мокрење, болка при дефекација и понекогаш имаме прекини во мокрењето – задржување, секое движење ја зголемува болката, седењето на столот е речиси невозможно, симптомите може да се влошат до степен на болка во мускулите и коските, болка во бубрезите, разни форми на опструкција на дебелото црево, понекогаш со знаци на воспаление на гласните жици итн. Ако не се излечи веднаш, може да се формира апсцес и на крајот може да се појави сепса. ДР прегледот ја појаснува дијагнозата, каде што простатата е „жешка“, зголемена и отечена, болна на допир. Забранети се ендоскопски интервенции и масажа на простата. Треба да се започне со земање антибиотици и тоа во прв ред со флуорокинолони (ципрофлоксацин, левофлоксацин), потоа тетрациклини (доксициклин) или макролиди (азитромицин). Во меѓувреме треба да се подобри и прелиминарниот антибиограм земен од уринокултурата и според него по потреба да се препише друг антибиотик. Понекогаш акутниот простатитис се смирува сам по себе и преминува во хроничен простатитис. На пациентот му треба одмор, загревање на телото, избегнување ладни пијалоци, топли пијалоци, алкохол, кафе, вегета…

Симптоматологија на хроничен простатитис: ги делиме на локални: кои излегуваат од уринарниот канал-уретрата, секрет кој понекогаш е крвав, но почесто жолт до кафеав (внатрешната обвивка е покриена со кафени точки) од неколку капки до количина на кафена лажица, често секретот е поголем при дефекација, на почетокот на мокрењето урината е потемна а потоа се разбиструва, се појавуваат дизурични проблеми, непријатни чувства но и еден вид болка во нозете, околу глутеусот, тестисите и фуникулусот, болка помеѓу анусот и тестисите (во перинеум), болка над мочниот меур…
Општи симптоми се: замор, летаргија, губење на волја и расположение и проблеми со дефекацијата. Се јавуваат и невротични потешкотии, емоционални промени, нервоза, нетрпеливост, агресивност, плачење, страв од рак и на крај еректилна дисфункција до импотенција. Дијагнозата се поставува врз основа на микроскопска и микробиолошка анализа на урината, ЕХО на уринарниот тракт. Третман: ако нема бактериска причина, нема потреба од антибиотици. Треба да се даде цинк, витамин Ц и седативи, балнеотерапија, хигиена и исхрана.