Поради беспарица, младите не можат да се одделат и осамостојат
Во Македонија со децении еден од најсериозните проблеми е проблемот со вработувањето – младите многу тешко наоѓаат работа со плата од која можат да живеат самостојно. Наспроти тоа, цените на становите за изнајмување и ратите за отплата се високи, па повеќето млади објективно не можат економски да опстанат ако живеат сами, смета психологот Лидија Зорба
Голем е бројот на млади, на возраст од 18 до 34 години, што живеат со своите родители. Според последното истражување објавено од „Еуростат“, процентот на млади што живеат со своите родители во Македонија изнесува 82,9 проценти. Процентот уште од 2010 година е околу 80 проценти и ниту еднаш не е под оваа бројка. Од земјите во регионот со висок процент на млади што живеат со родителите се и младите во Србија, Хрватска, Грција и во Бугарија.
Младите велат дека колку и да сакаат да живеат самостојно, едноставно не можат да си го дозволат тоа, а најчеста причина за тоа се финансиите.
– Имам 29 години и сѐ уште живеам со моите родители. Поголемиот дел од денот го минувам во мојата соба, ми доаѓа друштво, седиме и се дружиме. Колку и да сакам да се осамостојам, едноставно не можам да си го дозволам тоа, затоа што платата ми е 15 илјади денари и, да бидеме искрени, со таа плата ретко кој може да живее сам. Треба да се плаќаат сметки, кирии, храна, а сето тоа чини многу повеќе од 15 илјади денари. Се обидував да пронајдам стан за да се тргнам настрана, но никаде не може да се најде стан за кој наемнината би била помала од стотина евра. Јас не можам да си го дозволам тоа. И не сум таков само јас. Целото мое друштво, сите другари сме на исти маки. Сите живееме со родителите – вели Кире Х., кој е свесен дека самостојноста му е потребна, но вели дека не може да ја достигне.
Елена К., пак, има момче со кое долги години е во врска, но вели дека воопшто не се осудуваат на брак, затоа што немаат услови за тоа.
– Момчето живее во мал стан со својот брат, мајка, татко и баба. Да бидеме искрени, само уште ние фалиме таму. Нема услови за да живееме така. Затоа уште не се одлучуваме на тој чекор. За да одиме под кирија, исто така, немаме услови, затоа што јас сум невработена, а со неговата плата не можеме многу да направиме. Ќе почекаме уште некое време, барем да успеам јас да најдам работа, па ќе видиме што ќе одлучиме. Полесно ни е вака. Живееме секој со своите родители, имаме поголема финансиска помош, па се обидуваме да заштедиме некој денар за да можеме да почнеме заеднички живот – вели таа.
Според психолозите, живеењето со родителите може навидум да изгледа како традиција, но иако проблемот има елементи на традиција, во основа се работи за психосоцијален проблем.
– Во Македонија со децении еден од најсериозните проблеми е проблемот со вработувањето – младите многу тешко наоѓаат работа со плата од која можат да живеат самостојно. Наспроти тоа, цените на становите за изнајмување и ратите за отплата високи, па повеќето млади објективно не можат економски да опстанат ако живеат сами. Од друга страна, повеќето родители, особено во градовите, имаат големи очекувања од децата во врска со нивното образование (да дипломираат, да магистрираат и сл.) и ги воспитуваат со девизата „од тебе не барам ништо – освен да учиш“. Така, многу млади растат и завршуваат факултети со впечаток дека ги исполниле очекувањата на своите родители и општеството затоа што завршиле факултет или повеќе од тоа, без притоа да ја имаат предвид пошироката цел на образованието – а тоа е да работат и да заработуваат за живот – смета психологот Лидија Зорба.
Според неа, кон тоа придонесува и фактот што многу родители не бараат и не очекуваат од децата самите да си најдат работа и да заработуваат за живот, па непречено ги издржуваат и на возраст кога „детето“ може да работи, но не сака да прифати работа што ја нуди пазарот на трудот, туку се чека на канцелариска работа, на работа во државни институции и слично.
– Ова чекање го попречува и емоционалниот и професионалниот развој на младите, кои на тој начин остануваат со родителите затоа што така се чувствуваат побезбедно. Ова има далекосежни последици и за младите и за нивните родители и за општеството – заклучува Зорба.