Со воведните натпревари во групите А и Б вечерва започна 15. Европско ракометно првенство во женска конкуренција, чии домаќини се Скопје, Подгорица, Љубљана и Цеље.
Во групата А, Унгарија ја совлада Швајцарија со 33-28, додека кодомаќинот Словенија триумфираше над Данска со 28-26.
Македонските ракометарки се во групата Ц во рамки на која утре со почеток во 18 часот во салата „Борис Трајковски“ за противник ќе го имаат актуелниот олимписки шампион Франција.
Во истиот термин в понеделник „црвено жолтите“ ќе играат против Холандија, додека групната фаза ќе ја заокружат против Романија, на 9 ноември (18 часот).
Македонската куќа на ракометот, во присуство на претставници од Европската ракометна федерација (ЕХФ), македонските ракометни клубови, спортски работници, Агенцијата за млади и спорт и секако медиумите, денес во спортскиот центар „Борис Трајковски“ симболично го означи почетокот на ракометното првенство за женски сениорки, ЕХФ ЕУРО 2022 кое ќе се одржува до 20 ноември годинава во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица.
Во фокусот на денешниот собир, беа активностите кои РФМ во периодот од аплицирањето до денес ги спроведе за целите на турнирот.
-После точно 5 години и 8 месеци работење на темата ЕХФ ЕУРО 2022 за женски сениорки, горди сме што Скопје ќе биде центар на сениорски ракометен спектакл со предзнак ЕВРОПСКИ. Непосредно пред официјалниот старт, тимот на Федерацијата живее за ракометот! – рече Филип Милошевски генералниот секретар на РФМ.
Амбасадорот на ЕХФ Еуро 2022, Гордана Нацева ја поздрави одлуката на РФМ да ги вложи сите свои потенцијали.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, во своето обраќање пред присутните, упати благодарност до сите засегнати страни кои даваат свој личен придонес за овој голем настан со европски предзнак.
-Во изминативе 15 години, од позиција на ракометен фан, но и од позиција на член на национална ракометна делегација, сум бил на многу меѓународни првенства. Денес сум многу горд и среќен што Македонија е центар на еден ваков европски спектакл! – истакна Мукаетов во рамки на своето обраќање, по што следуваше директно видео вклучување на женската репрезентација и стручниот штаб.
Репрезентативките и селекторот Љубомир Савевски ги поздравија заложбите и одличната атмосфера во јавноста. Тие истакнаа дека во тимот владее позитивна еуфорија, но и нетрпение да истрчаат на терен. Видео врската заврши со добро познатиот спортски поздрав: За кого??? За Македонија!!!.
Мукаетов, во име на РФМ упати посебна благодарност до врвните македонски спортисти и истакнати личности од јавниот живот, кои гордо го виореле македонското знаме на големи настани и кои дадоа поддршка на македонските ракометарки во серијал од видео-обраќања.