Во услови на енергетска криза се ставаат во функција сите расположливи капацитети за производство на струја со кои располага државата, а од кои поголемиот дел се направени уште во времето на СФРЈ, поради што се неопходни нови инвестиции на кои веќе се работи, истакна премиерот Димитар Ковачевски во синоќешната емисија „Разговор во редакција“ на истражувачката лабораторија ИРЛ.
– РЕК „Битола“ сега во ноември одбележува 40 години од постоење, исто е и со другите капацитети. Затоа ние имаме еден монументален проект во државата кој се нарекува Чебрен и којшто имаше 13 неуспешни обиди. За првпат, има понуда од страна на инвеститор. Тоа е проект вреден 800 милиони евра. Дали ќе биде успешна понудата, евалуацијата ја прави стручна комисија која е составена од експерти од ЕСМ, од Министерство за економија, од Министерство за животна средина и просторно планирање итн. Ако биде успешна до крајот на годината може да има потпишување на договор и почеток на проектирање и изградба на Чебрен – рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека Владата има сериозен план за транзиција кон обновливи извори за производство на енергија и на тоа веќе се работи.
– На старите наоѓалишта на јаглен во Битола, во Осломеј – Владата има веќе план и почна со изградба на фотоволтаични централи. Првата од десет мегават часови е изградена во Осломеј и проектите се прават заедно со ЕБОР, КФВ банката и Светска банка. Тие се финансиери на вакви големи капитални објекти. Овие компании каква што е „Ве-Пе-Де” која сака да гради ветерна електрана од половина гигават во Општина Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка тие и на други пазари функционираат како приватни корпорации. Таа електрична енергија и тие капацитети ќе бидат во нашата држава. Затоа треба секогаш да се најде баланс меѓу јавните инвестиции и меѓу приватните инвестиции кои произведуваат стоки и услуги кои ги користат граѓаните на нашата држава – рече премиерот.
Граѓаните треба да знаат дека Владата работи да обезбеди електрична енергија во доволни количини којашто ќе биде по цена која нема да предизвика ценовен шок, навреме се преземаат мерки и транспарентно се информира јавноста за енергетската состојба во државата, посочи Ковачевски синоќа во емисијата „Разговор во редакција“ на истражувачката лабораторија ИРЛ.
– Тоа го правиме од првиот ден до денес. Во однос на тоа дали треба уште повеќе да се комуницира, да, се согласуваме, треба. Секој граѓанин треба да знае дека сметката која ја добиваат над 600.000 домаќинства и 72.000 компании на регулираниот пазар, односно малите потрошувачи, добиваат субвенционирана цена која ја субвенционира Владата, од Буџетот. Буџет кој е граѓански, кој се полни од даноците на граѓаните и доколку не е таа субвенција, граѓаните, домаќинствата би плаќале пет пати повисока сметка за електрична енергија од таа што ја плаќаат денес. Обезбедивме топлинска енергија за Град Скопје, за 60.000 домаќинства. Тоа е обврска на државата да обезбеди цена која граѓаните можат да ја поднесат и цена која ќе можат да ја платат – рече Ковачевски.
Во гостувањето, премиерот потенцираше дека од Буџетот се издвоени 5% за антикризни мерки, пакет кој е најголем во регионот за што потврда има и од Светска банка. Сите мерки се проектирани врз основа на експертски мислења, опсежни анализи и одлуки кои ги носи Владата.
– Ова не е време на изобилство, ова е време на штедење и на солидарност. Државата треба да биде таа која нема да финансира изобилство, туку ќе финансира најранливи категории на граѓани. Затоа пензионерите со најниски пензии од 11.525 денари, пензионерите до 14.000 денари ќе добиваат во наредните четири месеци дополнителна финансиска помош. Тоа се 130.000 пензионери, 41.000 наши сограѓани од најранливите категории каде влегуваат различни категории на граѓани од самохрани родители, до стечајни работници и други ќе добиваат исто така финансиска поддршка. Најсиромашните 4.000 семејства добиваат финансиски додаток за огрев или електрична енергија зависно од тоа што го користат за греење. Сè со цел да може најранливите да бидат обезбедени во текот на оваа најтешка зима која што е пред нас – рече премиерот Ковачевски.
Со новата технологија на „АКИО Енерџи“ во Штип ќе може да се произведуваат земјоделски култури
Француската компанија „АКИО Енереџи“ во Штип којашто ќе ја гради фотоволтаичната централа во Штип инвестира во агро-волтаици што претставува можност за одгледување на земјоделски култури на тоа земјиште, посочи премиерот Димитар Ковачевски, во вечерашната емисија „Разговор во редакција“ на истражувачката лабораторија ИРЛ.
– Се работи за земјиште кое од страна на Владата на премиерот Груевски беше откупено од земјоделци и пренаменето за изградба на карго аеродром. Тоа е истото тоа земјиште. Кога градите карго аеродром тоа значи 100% бетон. Но, земјиштето кое е во тој дел од прва класа нема да биде опфатено со фотоволтаичната централа, туку тоа ќе биде вратено на земјоделците. Тоа земјиште е пренаменето и врз основа на меѓународната финансиска корпорација која е дел од Светска банка има направено анализа, кои сметаат дека доколку се прави градба на тоа земјиште со оглед на позиционираноста, наклонот на земјиштето, сончевата инсулација која ја има на тој регион на државата, најдобро е да се направи електрана за производство на електрична енергија. Врз основа на Законот за стратешки инвестиции, интерес пројави француски „АКИО Енерџи“. Се работи за реномирана светска корпорација којашто има над 1.400 мегавати инсталирани и веќе над 7.000 проекти кои ги работи. Дел од нив, 1.000 мегавати се во Грција коишто предвидуваат да се изгради фотоволтаична централа којашто ќе биде врз основа на нивно патентирано решение коешто се вика „АГРО – Волтаик“. Тоа значи дека во исто време врз основа на модулот којшто тие го имаат патентирано и системот за изработка да се постави централа во исто време да се произведува електрична енергија но и да се обавуваат одредени земјоделски култури на истото земјиште и тоа може да се провери кај нив на нивната веб страна – рече Ковачевски.
Притоа, тој посочи дека стручниот тим на Владата којшто го предводи вицепремиерот Битиќи е веќе во комуникација со менаџментот „АКИО Енерџи“ во однос на модалитетите на договорот кои ќе бидат преточени во законско решение за оваа стратешка инвестиција, што ќе биде доставено и до јавноста и до пратениците на одобрување.
– Тие веќе разговараат и со дел од земјоделците во тој регион во однос на тоа какви култури може да се одгледуваат во концептот којшто тие го планираат и којшто планираат да го инсталираат во тој регион. Дополнително компанијата планира да направи договор со универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со оглед на тоа дека сакаат да обучуваат кадри кои ќе можат дополнително понатаму да го развиваат и агри волтаикот и земјоделските култури кои таму би се одгледувале како и целиот систем за негова надградба и одржување. Тоа е концептот кој се однесува на „АКИО Енерџи“. Се работи за едно ново решение кое една реномирана светска компанија го има понудено и која преговара со Владата за негова изградба. Инвестицијата е околу 350 милиони евра – потенцираше Ковачевски.