Два активни пожари има во Кичевско и еден во Македонски Брод, известува Регионалниот центар за управување со кризи Охрид.
Пожарот што избувнал на 30 октомври во 13 часот во близина на Тајмиште во општина Кичево е сè уште активен. Во гасењето на пожарот вчера интервенирале четири лица од ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“.
Според последните информации, пожарот се движи во правец на селото Колари, но сè уште е далеку од населеното место.
Сè уште е активен и пожарот над кичевското село Бачишта, кој почна на 30 октомври во 20.30 часот. Според РЦУК Охрид, со пожарот е зафатена нискостеблеста шума, лисја, папрат и ниска вегетација.
Во гасењето на пожарот интервенирале ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ и доброволци од месното население од селото Бачишта.
– Според последните информации, пожарот се движи по ливади кон хидроцентралите и реката и е во непосредна близина на Бачило. Од ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ известуваат дека пожарот се шири во правец на реката што делумно ќе го спречи гаснењето на пожарот информира РЦУК Охрид.
Пожарот што избувна на 30 октомври во 10 часот во атар на село Ореовец, во место викано Присој во Македонски Брод, исто така, сè уште е активен и е префрлен во атарот на селото Русјаци.
-‘Со пожарот се зафатени ниска деградирана шума и лисна постела. Во гаснењето на пожарот интервенирале четири лица од ЈП „Македонски шуми“ подружница „Сандански“ и четворица пожарникари со едно противпожарно возило од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Македонски Брод. Во гасењето на пожарот е вклучен еден хеликоптер на МВР, се наведува во известувањето.
Поради оддалеченоста за полнење со вода на противпожарното ведро на хеликоптерот, соопштува РЦУК Охрид, во текот на денот се излезе на терен за да се избере локација за поставување монтажен базен од кој хеликоптерот ќе може да полни вода односно место соодветно за ниско слетување.