На секое од досегашните светски првенства различен капитен прв го кревал вредниот трофеј, секој со свој печат на мундијалите и во фудбалот, со многу индивидуални признанија и екипни трофеи. Шанса да влезе во историјата како прв со две светски титули како капитен ќе има Лорис, на СП 2022
ВО ПРЕСРЕТ НА 22-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ ВО КАТАР (4)
Меѓу селекторите, само Виторио Поцо двапати ја освоил светската фудбалска титула, со Италија во 1934 и во 1938 година, но меѓу предводниците на теренот, капитените, ниту еден двапати прв не го кренал трофејот за најдобрата планетарна репрезентација. На 21 светско првенство (СП) имало 21 шампион со капитенска лента, секој со свој печат на мундијалите и во фудбалот. Од досегашните капитени на светските прваци може да се состави комплетен тим, откако има четворица голмани, 10 одбранбени фудбалери, петмина плејмејкери и двајца напаѓачи.
СП 1930: Хозе Насази е првиот капитен светски првак, откако го предводеше Уругвај до титулата на првото Светско првенство, во 1930 година, на домашен терен. Одбранбениот фудбалер на Уругвај со таа репрезентација, покрај светската, освои и две олимписки и четири континентални титули.
СП 1934: Џампјеро Комби стана првиот голман од досегашните четворица што како капитени го освоиле трофејот за светски првак, во 1934 година, во Италија. Го сметаат за еден од најдобрите голмани во тоа време, а со Франтишек Планичка засега се и единствените голмани капитени што ги предводеле своите репрезентации на меѓусебен финален меч (на СП 1934).
СП 1938: Џузепе Меаца ја предводеше Италија до втората титула во низа, на СП 1938, во Франција. Тој е првиот центарфор капитен на светски првак (подоцна со него се израмни Германецот Фриц Валтер, на СП 1954), а е и вториот најдобар стрелец на Италија на сите времиња, со 33 гола (води Џиџи Рива) и еден од четворицата со две титули со италијанската репрезентација.
СП 1950: Обдулио Варела е првиот плејмејкер капитен и светски шампион, освојувајќи ја титулата со Уругвај во еден од најпознатите решавачки мечеви за трофејот, на единственото СП на кое немаше класичен финален натпревар, во 1950 година, во Бразил. Во тој меч, последен во финалната групна фаза на тој Мундијал, меч познат како „Мараканазо“, Уругвај го совлада домаќинот и ја освои втората светска титула. Според некои податоци, Уругвај никогаш не загубил меч на светско првенство со Варела во тимот.
СП 1954: Фриц Валтер е вториот капитен центарфор со светска титула, предводејќи ја репрезентацијата на Германија на СП 1954 во Швајцарија, за прва планетарна титула на Германија, во финалето познато како „Чудо во Берн“. Тој и Отмар Валтер беа првите браќа што играле за репрезентација со светска титула (подоцна тоа станаа и Џеки и Боби Чарлтон со Англија, на СП 1966).
СП 1958: Хидералдо Белини е првиот од петте капитени на Бразил со освоена светска титула. Одбранбениот фудбалер е заслужен и за почнувањето на традицијата на кревање на освоениот трофеј во воздух, над главата, во фудбалот. Тој првично го направил тоа за фотографите да имаат подобар поглед на трофејот по освоената светска титула во 1958 година, во Шведска, но потоа тој гест се поврза со победа и денес е неизоставна прославата кога капитенот прв високо го крева освоениот трофеј на кое било натпреварувачко ниво.
СП 1962: Мауро Рамос како втор капитен шампион со Бразил ја предводеше таа репрезентација до втора титула во низа (израмнет рекорд со Италија), на СП 1962, во Чиле. На претходните два мундијала одбранбениот фудбалер Рамос, еден од најдобрите на Бразил, беше во составот на репрезентацијата, но не настапи на ниту еден меч.
СП 1966: Боби Мур беше капитен на Англија за првата планетарна титула на таа репрезентација, освоена на СП 1966 на домашен терен. Тој е најмладиот капитен на Англија, откако првпат беше предводник со капитенската лента на возраст од 22 години и еден месец, три години пред СП 1966.
СП 1970: Карлос Алберто го предводеше Бразил до третата титула, на СП 1970, во Мексико, по што, според тогашните правила, трофејот му припадна на Бразил во трајна сопственост. Еден од најдобрите одбранбени фудбалери во светот беше стрелец на четвртиот гол во финалето за потврда на титулата.
СП 1974: Франц Бекенбауер со трофејот што го освои со Германија на СП 1974, на домашен терен, стана првиот суперкапитен, со освоени три најголеми трофеи со капитенската лента на раката (европски првак за репрезентации во 1972 година, континентален клупски шампион со Баерн во 1974 година, а потоа и во следните две години, како и светски шампион во 1974 година). На СП 1990 стана вториот што светската титула ја освоил како фудбалер и како селектор (прв беше Марио Загало со Бразил).
СП 1978: Даниел Пасарела беше капитен на Аргентина кога таа репрезентација ја освои првата титула, на СП 1978, во Аргентина. Според некои податоци, Пасарела во еден момент бил најдобар стрелец меѓу одбранбените фудбалери, подоцна надминат од Роналд Куман од Холандија. Пасарела беше во составот на Аргентина и за втората титула, во 1986 година.
До почетокот на 22-то Светско првенство во фудбал во Катар, „Нова Македонија“
ќе ви претстави некои од најзначајните моменти од минатите изданија
на најпопуларниот спортски настан во светот
СП 1982: Дино Ѕоф е највозрасниот капитен на еден светски првак и највозрасен воопшто со планетарна титула, предводејќи ја Италија до титулата на СП 1982 во Шпанија, на возраст од 40 години. На тој шампионат тој стана вториот голман капитен на светски првак, по сонародникот Комби.
СП 1986: Диего Марадона ја предводеше Аргентина до втората светска титула, во 1986 година, во Мексико, играјќи ги сите минути од секој натпревар на Аргентина. Плејмејкерот на Аргентина, кој на тоа СП постигна по пет гола и асистенции, од кои еден погодок е т.н. „гол на векот“, во четврт-финалето со Англија, ја освои и наградата „златна топка“ за најдобар играч на тоа СП и стана првиот што бил прогласен за најдобар фудбалер на младински (во 1979 година) и на сениорски мундијал (потоа тоа го оствари и неговиот сонародник Лионел Меси, во 2005 и во 2014 година).
СП 1990: Лотар Матеус беше капитен на германската репрезентација што триумфира на СП 1990, во Италија, за трета титула на Германија. Матеус го дели рекордот за настапи на најмногу мундијали, пет (поставен од Антонио Карбахал, а подоцна израмнет и од Рафаел Маркез, двајцата од Мексико, и од Италијанецот Џанлуиџи Буфон), а е осамен рекордер според бројот на одиграни мечеви на СП, вкупно 25.
СП 1994: Дунга го предводеше Бразил до четвртата титула (прва по генерацијата на Пеле), на СП 1994, во САД, турнир на кој плејмејкерот не беше капитен на првите мечеви. Според некои податоци, Дунга и Шпанецот Чави се единствени што играле во финалиња на светско првенство, на летни олимписки игри, на Куп на конфедерации и на континентален шампионат.
СП 1998: Дидие Дешам на СП 1998, во Франција, го направи вториот чекор кон израмнувањето со Бекенбауер со „тројката“ капитенски трофеи (претходно европски клупски првак со Марсеј во 1993 година, а подоцна континентален шампион со Франција во 2000 година). Некогашниот плејмејкер на Франција сега е селектор на таа репрезентација и во 2018 година стана третиот што светската титула со репрезентација ја освоил како фудбалер и како селектор.
СП 2002: Кафу, рекордерот на фудбалската репрезентација на Бразил со 142 настапи, го крена трофејот за рекордната петта титула на Бразил, на СП 2002, во Јужна Кореја и во Јапонија. Кафу играше на четири светски првенства, од 1994 до 2006 година, и е единствениот во историјата што се појавил во три последователни финалиња на фудбалските мундијали, победувајќи во 1994 и во 2002 година (играше и во финалето во 1998 година).
СП 2006: Фабио Канаваро беше капитен на репрезентацијата на Италија при освојувањето на четвртата титула за таа земја, на СП 2006, во Германија, а беше на чело на одбраната што на целиот турнир прими само два гола (еден автогол и еден од пенал). Мечот во финалето беше негов 100-ти меч за Италија.
СП 2010: Икер Касилјас на СП 2010, во Јужна Африка, стана третиот голман, капитен светски првак и го направи вториот чекор од трите за да им се придружи на Бекенбауер и на Дешам за освоени трофеи како капитен (претходно европски првак со Шпанија во 2008-та, а подоцна и клупски со Реал во 2014 година). На тоа СП го израмни рекордот за најмалку примени голови (два) и за мечеви без примен гол (пет, сите во нокаут-рундата).
СП 2014: Филип Лам ја предводеше Германија до четвртата светска титула, на СП 2014, во Бразил, со која Германија се израмни со Италија во бројот на планетарни трофеи, по една помалку од водечкиот Бразил.
СП 2018: Уго Лорис стана четвртиот голман капитен со светска титула, откако ја предводеше Франција до втората планетарна круна, на СП 2018, во Русија. Тој ќе има шанса да стане прв со две титули како капитен. Г.М.