Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го поздрави преземањето на Твитер од страна на Илон Маск, изјавувајќи денеска на својата социјална мрежа дека е „многу среќен што Твитер сега е во разумни раце“.
Таканаречената „социјална мрежа за вистина“ на Трамп претставува своевидна помала копија на Твитер.
По преземањето, Илон Маск вети дека ќе го одмрзне на неодредено време блокираниот налог на Трамп на Твитер, што беше замрзнат поради стравувања за насилно поттикнување на толпа поддржувачи која упадна во американскиот Капитол лани на 6 јануари. Налогот на Трамп на Твитер, заклучно денеска, уште е неактивен.
Поранешниот претседател рече дека и да го молат, нема да се врати на Твитер, но одредени негови советници изјавиле за весникот „Вашингтон пост“ дека се сомневаат оти Трамп ќе се воздржи. Маск рече дека на следните избори ќе гласа за републиканците.
Популарната социјална мрежа, која сега е во целосно сопствеништво на милијардерот Маск, секојдневно е користена од речиси 400 милиони корисници.