Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите последователни забелешки на Европската комисија јасно наведуваат на констатацијата дека во Македонија нема ниту „р“ од реформата на администрацијата, па таа и натаму продолжува да биде главен сектор за вработување партиски војници. Ако во 1999 година административците беа околу 120 илјади, сега процените се дека бројката е околу 200 илјади административци, кои не нудат квалитетна и брза услуга за граѓаните

И ПОКРАЈ ГОЛЕМИОТ БРОЈ УКАЖУВАЊА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Македонија целосно потфрла во делот на реформата на јавната администрација, а умерената оцена на Европската комисија во неодамнешниот извештај за напредокот на земјата е само обична игра на зборови за да не се каже директно дека буквално ништо не е направено на овој план.
Имено, без оглед што Брисел уште минатата година побара итно спроведување на неколку мерки важни за реформа на администрацијата, земјава го одложи усвојувањето на законските решенија за организација и за работа на органите на државната управа, носењето нов закон за висока раководна служба, како и на новата правна рамка за управување со човечки ресурси, што требаше да се направи преку измени на законите за административни службеници и за вработените во јавните служби.
Она на што инсистираше комисијата беше преку новата замислена рамка да се подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и со неа да се гарантираат избор, унапредување и разрешување врз основа на заслуги, вклучувајќи и на ниво на повисоките раководни функции.
Дополнителен проблем е што без оглед што започна скрининг-процесот, а земјава се надева на скоро отворање на преговарачките поглавја, доцни имплементацијата и на Стратегијата за реформа на јавната администрација, ниту пак има екипиран сектор за јавна администрација што би ги спровел бараните реформи.
– Со одредени доцнења продолжи имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 година, како и следењето и извештаите за нејзино спроведување. Целосно беа реализирани само дел од планираните активности. Во Министерството за информатичко општество и администрација сè уште нема соодветно екипиран сектор за јавна администрација, кој би ги спроведувал реформите на техничко ниво. Дополнително, треба да се работи и на заложбите за зголемување на менаџерската одговорност – наведува комисијата во извештајот.

Сите овие забелешки на ЕК јасно наведуваат на констатацијата дека во Македонија нема ниту „р“ од реформата на администрацијата, а таа и натаму продолжува да биде главен сектор за вработување на партиските војници, без да се води сметка на нивната стручност, без да се почитува мерит-системот, како и системот на заслуги, кој треба да биде клучен при унапредувањето или разрешувањето на функционерите. Наместо тоа, владее единствено системот на неодговорност и партиски вработувања.
– Европа ни кажува меѓу редови дека работите не чинат, но едноставно нема политичка волја нешто да се направи во насока на подобрување на состојбите. Ниту една политичка гарнитура нема да прави реформи на јавната администрација, да ја намали, и овие вакви состојби ќе продолжат сè додека државата не го доживее грчкото сценарио, односно да банкротираме, па дури тогаш нашите политичари ќе се свестат да прават реформа. Сè додека е вака, има кредити, нè толерираат, сè вака ќе биде – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Тој појаснува дека уште пред повеќе од 20 години лично работел на првата стратегија за реформа на јавната администрација и уште тогаш сите се залагале да се преполови бројката на административци, но тоа никогаш не се случи, туку напротив, таа само дополнително се зголеми.

– Тогаш некаде во 1999 година ја правевме таа стратегија и целта беше јавната администрација да се преполови. Тогаш административците беа околу 120 илјади. И тогаш Меѓународниот монетарен фонд ни ги кажа бројките, ние не ги знаевме. Сега имаме една бројка од 130 до 140 илјади со јавни претпријатија, јавна, државна администрација и околу 30-40 илјади што се партиски војници, што на локално, што на централно ниво, така што доаѓаме до бројка од околу 200 илјади административци. ЕК тоа го гледа и гледа како се трошат парите од буџетот, дека повеќето пари одат за плати на административците наместо за капитални инвестиции. Кај нас парите од капиталните инвестиции се пренасочуваат за плати на администрацијата. Четвртина од буџетот оди на плати и тоа не може да го скриеме од ЕУ – истакнува Давитковски.
Според него, кога кај нас некоја власт ќе се нафати да спроведе вистинска реформа на администрацијата, таа ќе ја загуби власта.
– Кај нас е проблем што ние немаме за ништо консензус во оваа држава. Словенците од 1991 година постигнаа договор, и позицијата и опозицијата, природниот одлив во јавниот сектор да не се дополнува. Никого не отпуштија, а оној што заминува во пензија не се дополнува со друг. Затоа 30 години бројката во администрацијата е иста, со исклучок на позиции што се важни и каде што мора да се пополни со стручни луѓе. Кај нас сега се предлага закон за администрација со кој стручните советници би се пензионирале на 55 години. Дали е тоа нормално? Да се обезглави администрацијата, особено државната администрација, односно најстручниот дел на таа администрација да се тргне. Тоа само покажува дека немаат никаков концепт како треба да се направи реформата – потенцира Давитковски.
Професорот понатаму напомнува дека работел и на Законот за вработени во јавен сектор за јавни административни службеници, во чии рамки имало пет испита, за интегритет, општо познавање, информатика итн., а сега сакаат сè да укинат и само да вработуваат во администрацијата без никакви критериуми.

– Еве, во јавните претпријатија некој што не исполнува услови го ставаат в.д. директор, за шест месеци ќе се заборави и подоцна само ќе го трансферираат. А таму има барани услови во законите како за космонаут. Никој не почитува закони. Класичен башибозук – нагласува Давитковски.
Тој изразува стравување дека кога земјава ќе ги започне преговорите со ЕУ, овие работи ќе испливаат на површина.
– Имаме европски закони, но не се спроведуваат. Реформите ние ги правиме за граѓаните, не ги правиме за да влеземе во ЕУ. Секој сака да појде на шалтер и за пет минути да заврши работа, а не некој лепач на плакати да седи таму и да не може да му го реши предметот. Тоа е кај нас проблем. Законот за општа управна постапка 80 отсто не се применува – потенцира Давитковски.
Според него, едноставно ниту нешто се презема во насока на добро екипирање на тимовите што треба да работат на реформите, ниту пак се има волја за такво нешто.

– Еве, во Министерството за информатичко општество и администрација треба да има сектор за обуки, а во тој сектор ставиле само еден човек. Колку обуки може да спроведе тој? Ниту една обука немаат направено, сè странциве организираат обуки, и тоа го прават со нивни пари. Обуките се само од донации, инаку пари од буџет нема. Не сакаат, или попрецизно кажано, не им одговара да се направат реформи и работите конечно да профункционираат – вели Давитковски.
Негово мислење е дека ЕК со сите работи што ги нотира во извештајот, а што се однесуваат на нашата јавна администрација, дури е и преблага со оцените.
– Европа води малку сметка поради спорот што го имаме со Бугарија, да не им дадат повод на Бугарите и тие да се фатат за некои работи, инаку вистината е сосема поинаква. Нема политичка волја за реформи, што понатаму да зборуваме – заклучува професорот Давитковски.