Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, по скратена постапка, е дел од дневниот ред на денешната 88. седница на Собранието, а на предлог на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
Предложените законски измени следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија.
По отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ пратеничката Мизрахи, оцени дека тоа е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација“, а Еврејската заедница на Македонија најави кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.
– Ова не се европски вредности. Затоа, уште денес на овие процеси мора да се стави крај. По, Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар, изјави меѓу другото Мизрахи.
Со предложените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации во член 4 ставот (2) се менува и гласи „се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.“
– Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх – стои во новиот став во членот 8 од законот.
Според предлог-законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава Министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира Министерот за правда.
Во преодните и завршните одредби на предлот-измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар на РСМ. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите,во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски синоќа изјави дека со предлаг-законот ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани. Тоа, како што изјави, ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија.
Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ го поднесува законот после три месеци ветување на власта дека ќе поднесе ваков закон.
-Се надевам дека ќе го поддржат, но морам да кажам дека сум скептичен. Прво законот е утре дури 20 точка на дневен ред, и второ пред него се ставаат точки коишто доколку има власта чесна намера да се донесе законот, нема да се стават, односно би се ставиле на друга седница. Тоа е избор на министер во владата, се однесува на предлогот за Ристо Пенов, и една незаконска одлука за избор на уставни судии. Морам да кажам дека ова што сакаат да го направат е злоупотреба на службена положба и овластување и карта во еден правец за осудителна пресуда за претседателот на Собранието и за претседателката на Комисијата за избори и именување, рече синоќа Николоски во телевизиско гостување.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, исто така во ТВ гостување порача дека треба да се почитуваат вредностите на антифашизмот и оти е вредно е да се разгледа иницијативата на опозицијата за промена на законот.
– Имавме сигнали од пратениците од владејачкото мнозинство дека би го прифатиле тоа – рече Маричиќ, истакнувајќи дека сите се свесни дека треба да се промени законот и оти Владата е отворена за разговори како најдобро да се направи тоа.
Како и по отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, бројни реакции уследија и по отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, на 7 октомври, кога се одржа и протест во организација на политичката партија Левица, поддржан и од ВМРО – ДПМНЕ.
Отворањето на клубот го осудија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи кои оценија дека тоа е провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава.
Според Ковачевски, реакцијата за ова треба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се вели, македонски граѓани.
– Ако треба некому да реагираме, тоа е на македонските граѓани што живеат во нашата држава и кои треба да имаат чувство за граѓаните коишто имаат резерва кон тоа име и кон таа личност. И тоа не се однесува само на овој клуб, туку и на претходни клубови што се отворени – рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето дали Владата реагирала кај бугарските власти да не се отвораат клубови во земјава со имиња како „Цар Борис Трети“ во Охрид и претходно „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Како премиер и претседател на СДСМ, потсети Ковачевски, го осудуваат и го сметаат за провокација од мала група луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија.
Нашата држава, како што рече, во однос на правните аспекти, има премногу либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија и затоа пред извесен период Министерството за правда добило задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации. -Тие тоа го работат, меѓутоа ги повикувам и сите пратенички групи да учествуваат во тоа. И не само пратеничките групи, туку и Еврејската заедница, порача премиерот Ковачевски.
Министерот за надворешни работи Османи, пак, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост.
Претседателот Стево Пендаровски, минатата недела изјави дека во Законот за здруженија постои член по кој може да се преиспита работата на постојните здруженија.
– Има правни експерти кои тврдат дека врз основа на постојниот Закон за здруженија и фондации има член што може да ја преиспита работата на постојните здруженија, ако тие не работат во насока на она што го декларирале – изјави Пендаровски.
Еден од тие услови, како што укажа, е ако разгоруваат национални или верска омраза и нетрпеливост. Според него, во случајот со формирањето задруженија со контроверзни имиња се работи за интенција од страна на Бугарите кои живеат во Македонија.
– Инаку, некои од здруженијата се формирани пред три години. Последното е формирано пред една година. И не е возможно кога ние почнуваме скрининг процес и отвораме процес на преговори, генерално после 17 години, тоа да биде баш случајно. Јас пред три месеци, ако паметите, предложив да се донесат амандмани на постојниот Закон и гледам дека Владата кон крајот на месецов најавува дека ќе има такво нешто. Меѓутоа, тоа ќе го реши проблемот за понатаму, значи од усвојување на законот па понатаму – рече Пендаровски.
Претходно, на 5 октомври, во Владата се одржа конститутивна седница на советодавното тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице. Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. За претседавач на телото, членовите едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач Билјана Мицковска од Министерството за економија. Советодавното тело има седум постојани членови кои се номинирани од самите институции, а двајца дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции, зависно од личноста за која ќе се дискутира.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пак, минатата недела утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.
Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди Комисијата и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.
Од Министерството за правда, пак, изреагираа дека немаат издадено одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението што беше отворено во април оваа година во Битола.
– Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар „Иван Михајлов“, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или кој било друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издаде одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението – се вели во реакцијата од Министерството.
Од таму додадоа дека „Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда“.
Од Министерството за правда велат дека немаат никаква надлежност да вршат надзор над работата на здруженијата, единствено се надлежни за надзор на законитоста на примената на одредбите од Законот.
– Согласно член 58 од Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда единствено е надлежно да врши надзор на законитоста на примената на одредбите од законот. Министерството за правда нема дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов – пишуваше во соопштението.