Полскиот оператор на нафтоводот „Дружба“, кој испорачува руска сурова нафта во Европа, соопшти дека сè уште нема знаци дека истекувањето било предизвикано од саботажа.
– Врз основа на првите наоди и начинот на кој нафтоводот е деформиран, се чини дека во овој момент нема знаци за какво било мешање од трета страна – се вели во соопштението на Перн.
Сепак, во тек е подетална анализа за да се утврди причината за штетата и да се санира нафтоводот за да може нафтата да продолжи да тече на делницата со полн капацитет.
Истекувањето, кое беше откриено на доцна во вторникот, е на околу 70 километри од централниот полски град Плоцк. На местото се испратени техничари, противпожарна бригада, екипи за чистење на животната средина и истражители.
Перн во синоќешното соопштение наведе дека „поголемиот дел од контаминацијата од областа“ е отстранета, но не кажа колку сурова нафта се излеала ниту колкава била дупката.
Нафтоводот „Дружба“, е една од најголемите мрежи за нафтоводи за сурова нафта во светот. Засегнатиот дел испорачува руска нафта во Германија.
Германската влада вчера соопшти дека испораките на нафта за земјата се сигурни и покрај тоа што истекувањето го намали протокот.