Сезонава е само 13-та како возач освојува последователни светски титули, а Ферстапен е во трка и по рекорди за најмногу победи, подиуми и поени во една сезона, најголема разлика во поени пред најблиските конкуренти, кругови на прво место во текот на трките…

ФОРМУЛА 1

Макс Ферстапен се запиша во книгата на рекорди на Формула 1, откако им се придружи на неколку одбрани возачи со две титули во низа. Холандскиот возач е во феноменална форма цела сезона, а статистиката покажува колку тој беше доминантен, пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
Сезоната на Ферстапен е мошне ретка појава во Формула 1, бидејќи ова е само 13-ти пат како возач освојува последователни светски титули. Од актуелните возачи, Ферстапен на оваа престижна листа им се придружи на Себастијан Фетел, Фернандо Алонсо и на Луис Хамилтон. Хамилтон и Михаел Шумахер, пак, се единствените што освоиле две титули во низа во два одвоени наврати. Досега имало 34 светски прваци, но Ферстапен е 11-от што победил во две првенства по ред. Алонсо беше осмиот возач што го направи тоа, Фетел деветтиот, а Хамилтон 10-от. Тоа е ценета листа што вклучува и имиња како Шумахер, Ален Прост и Аиртон Сена. Од 34-те возачи што ја освоија светската титула, Ферстапен стана 17-от возач што освоил повеќе од една титула.
Ферстапен со 12 победи сезонава е на една победа до рекордот за најмногу триумфи во една сезона, поставен од Шумахер во 2004 година и од Фетел во 2013 година, а е во трка и по рекордите за најмногу пласмани на подиум и поени во една сезона, најголема разлика во поени пред најблиските конкуренти… Ферстапен има 66,6 отсто триумфи сезонава, што е најдоброто остварување по стапката на победи на Фетел од 68,42 во првенството во 2013 година и со тој процент Ферстапен би се израмнил на петтото место со Хуан Мануел Фанџо. На таа листа води Алберто Аскари со 75 проценти во 1952 година, а потоа се Шумахер со 72,2 во 2004-та и Џим Кларк со 70 проценти во 1963 година.
Шумахер го држи рекордот за освојување на шампионатот со најмногу трки до крајот на сезоната, откако ја освои титулата во 2002 година на шест трки пред крајот на сезоната. Ферстапен ја обезбеди годинашната титула на четири трки до крајот и е на делба на третата позиција во ова рангирање во Формула 1. Со возраст од 25 години и 10 дена, Ферстапен е вториот најмлад двоен светски првак во Формула 1. Фетел го направи тоа на возраст од 24 години, а Ферстапен го надмина Алонсо, кој ја освои својата втора титула на 25 години и 85 дена. Ферстапен сезонава помина 458 круга на првата позиција во трките. Со преостанати 256 круга сезонава, тој може да ја надмине границата од 700 круга, што е постигнато само еднаш во Формула 1, во 2011 година, кога Фетел водеше 739 круга на својот пат до неговата втора светска титула.