Роман Абрамович во повеќе наврати ги одби понудите за продавање на удел во Челси, но можеби ќе попушти пред понудата на најбогатиот Чех, Петр Келнер, кој има дополнителни адути за преземање на англискиот фудбалски клуб, според чешките медиуми.
Келнер, наводно, е заинтересиран за купување до 50 отсто од акциите, па наскоро би можел да има средба со Абрамович на која ќе разговараат за можната зделка, според последните шпекулации.
Освен богатството на Келнер, кое „Форбс“ го проценува на 11,3 милијарди евра, во прилог на најбогатиот Чех оди и пријателството со рускиот олигарх и нивната досегашна бизнис-соработка. Келнер и Абрамович се акционери во руската компанија „Ерваз“. Чехот е 88-ти најбогат човек на светот, кој го стекна својот капитал во банкарството и во бизнисите со осигурување. Се појавија и информации оти Келнер поседува една од ложите на „Стамфорд бриџ“, а неговата инвестиција би послужила за финансирање на изградбата на новиот стадион на „сините“.
Абрамович, кој го купи англискиот клуб во 2003 година, во јули ја одби понудата на британскиот бизнисмен Џим Реклиф за преземање на Челси. Рускиот милијардер веќе одбил понуда од 2,59 милијарди евра, со што се проценува дека би можел да бара 3,38 милијарди за клубот чија вредност е проценета на 4,4 милијарди евра.