ФИФПРО

Од ФИФПРО веруваат дека играчите треба да имаат четири-пет недели одмор надвор од сезоната и слична пауза од околу две недели на средината од сезоната

Заштитата на играчите од прекумерно оптоварување мора да биде почетна точка за секој нов меѓународен календар на натпревари, вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман, пишува весникот „Индепендент“.

Пред неколку дена, ФИФПРО (Светски синдикат на фудбалери) објави дека постигнале договор со Светската асоцијација на фудбалски лиги, кој вклучува дискусија за цела низа прашања поврзани со работните договори на фудбалерите, вклучувајќи го и распоредот на натпревари. Треба да се потпише и новиот календар на натпревари што ќе почне од 2024 година, но иако се чини дека контроверзните планови за светско првенство (СП) на две години се отфрлени, сепак останува да се решат низа клучни прашања.

ФИФПРО верува дека сегашниот систем на комисии предводени од Светската фудбалска федерација (ФИФА) и од Европската фудбалска унија (УЕФА), кои го надгледуваат календарот, стана нефункционален и работи на тоа благосостојбата на играчите да биде на врвот на агендата.
– Повеќе од кога било вниманието е насочено кон интересите на играчите. Проблемот е што досега разговорите секогаш беа насочени на натпреварите, а не на календарот. Ние ќе ги повикаме сите засегнати страни на разговори за да извршиме притисок за амандмани во календарот, со или без амандмани на натпреварувања – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.

Од ФИФПРО веруваат дека играчите треба да имаат четири-пет недели одмор надвор од сезоната, што подалеку од клупската и од репрезентативната средина, слична пауза од околу две недели на средината од сезоната и ограничување на бројот на натпревари едноподруго, со што би се избегнал зголемениот ризик од повреда или премор на играчите. Натпревари едноподруго се дефинираат како играње 45 минути или повеќе и во период помал од пет дена. Л.Д.