Д(у)иктатура

Д(у)иктатурата е предизвик на ДУИ и целото општество и држава. Со вакво ДУИ, понатаму ќе се засили д(у)иктатурата во државата и понатамошно останување на вакво ДУИ на власт е опасност за Македонија!

Д(у)иктатура за првпат го употребив пред две недели, кога Талат Џафери, претседател на Собранието, ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум. Д(у)иктатура е ставање знак на еднаквост на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и на диктатурата. Употребата на диктатура, модел на владеење на еден или на мала група луѓе без ограничувања, некому може да му звучи пресилно, но потврдата дојде многу брзо од самата ДУИ. Неделава, група влијателни функционери и членови на ДУИ, вклучувајќи пратеници, градоначалници, членови на Владата и други, имаа јавно обраќање со критика за авторитарното и неотчетно однесување на Артан Груби, заменик-премиер на Владата, за невоспоставување и нефункционирање на партиските органи повеќе од две години, од последниот партиски конгрес. Ако обвинувањата на оваа група за владеење на еден човек, авторитарност, неотченост, нефункционирање на органите, не е доволен опис на внатрепартиска диктатура во ДУИ, тоа се потрудија да го потврдат Али Ахмети и неговите поддржувачи. Али Ахмети во еден ден ја отфрли иницијативата на групата, а во поддршка Бујар Османи, министер за надворешни работи од ДУИ, ќе рече „ДУИ е партија со голема внатрешна демократија, но на крајот сепак, последниот збор го има лидерот Али Ахмети. А тој вчера го кажа своето“.
Фасцинантно! Министер во Владата, и тоа за надворешни работи, ги става во една реченица „голема внатрешна демократија“ и „последен збор“ на еден човек.

Фасцинантно како нема разбирање дека тие две работи се оксиморон. Некој ќе рече, но и во демократија има модели каде што на крајот еден човек го има последниот збор. Да, така е, но последниот збор доаѓа на крајот. И да не е проблем последниот збор, мора да е проблем дека последниот збор на Али Ахмети дојде за еден ден, што укажува дека со никого не се консултирал, дека не функционираат партиските органи и ги потврдува тврдењата на незадоволната група.

Да, ама тоа е внатрешно прашање на ДУИ, ќе тврдат други поддржувачи. Да, може да е внатрешно прашање ако ДУИ е приватен интерес, а не јавен интерес. Да, може да е внатрешно прашање на ДУИ дали е Артан Груби или Изет Меџити. Но дали ДУИ е демократска или автократска партија, никако не може да биде внатрешно прашање на ДУИ, бидејќи тоа се рефлектира врз општеството и државата. Уште во февруари 2013 година во „Окупирај ја политиката“, а потоа и во „Слободни партии за слободно општество“ во јуни 2015 година пишував за заробувањето на државата, кое се одвива во три чекори: заробување на партијата/партиите, заробување на партискиот простор, заробување на политичкиот простор, што кулминира со заробување на институциите и државата.

Кога Али Ахмети, без партиски органи или без консултации, за еден ден може да отфрли иницијатива на влијателна група, зошто да не може Талат Џафери, како претседател на Собранието, да отфрли иницијатива за референдум, со суспензија на Собранието, каде што две собраниски комисии и пленарното заседание се единствени надлежни за одлука за иницијативата, и се прогласува за Уставен суд, бидејќи само Уставниот суд може да цени уставност. Суспендираното Собрание и Уставен суд нѐ поместуваат од хибриден режим во д(у)иктатура!

Еден-два примера за поткрепа на тврдењата не се доволни! За жал, има неброени примери на д(у)иктатура. Имало два незадоволни пратеници на ДУИ, што може да го загрози парламентарното мнозинство, веднаш шпекулации за понуда на друга албанска партија за влез во Владата. Ќе се реконструирала Владата, ќе бил заменет Бочварски, министерот за транспорт поради лоши резултати. Ако било за лоши резултати не требаше воопшто да биде во оваа влада. Туку ДУИ го мернал ресорот што треба да биде одговорен за автопатиштата што ќе ги гради Бехтел. Ако биде сменет Фатмир Битиќи, еден од подобрите министри, тоа ќе биде само зашто му смета на ДУИ етничкиот монопол. Министер за јавна администрација на ДУИ може сам да одлучи кој е балансерот, показател за правична и соодветна застапеност во јавната администрација, толкувајќи го пописот како што сака, наспроти укажувањата на спроведувачот на пописот, Државниот завод за статистика. Доколку Владата го поддржала тоа, тоа е само уште еден доказ за д(у)иктатура. Требало да се гласа за недоверба на Владата, исчезнува пратеник, најверојатно во организација на ДУИ, и ги променува ставот и страната. Се испраќа Закон за јазици до Венецијанска комисија со уверување дека ќе се почитува ставот на комисијата, пристига мислењето, никој не го почитува. Ова се само неколку примери од последните две години, на прва мисла, без пребарување.

Д(у)иктатурата е предизвик на ДУИ и целото општество и држава. Со вакво ДУИ, понатаму ќе се засили д(у)иктатурата во државата и понатамошно останување на вакво ДУИ на власт е опасност за Македонија!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #Д(у)иктатура