КОШАРКА – СП ЗА ЖЕНИ ВО АВСТРАЛИЈА
Тие во четвртото коло ја совладаа Јужна Кореја, со 145-69, што претставува и највисока победа во историјата на мундијалите по бројот на постигнати кошеви на еден натпревар
Женската кошаркарска репрезентација на САД, по убедливите победи против Белгија (87-72), Порторико (106-42), Кина (98-51), Јужна Кореја (145-69) и БиХ (121-59), веќе се пласираа во четврт-финалето (група А) на Светското првенство (СП), кое до 1 октомври се игра во Сиднеј, Австралија, со учество на 12 селекции, поделени во две групи.
Притоа Американките, кои се и најголеми фаворитки за златниот медал, поставија нов рекорд на мундијалите. Имено, во четвртиот натпревар тие ја совладаа Јужна Кореја со 145-69, што е и највисока победа во историјата на светските првенства по бројот на постигнати кошеви на еден натпревар. Досегашниот рекорд беше во сопственост на Бразил, а опстојуваше 32 години. Во 1990 година, Бразил ја победи Малезија со 143-50, односно славеше со дури 93 поени разлика во втората групна фаза од тогашното СП во Малезија.
САД иако се најуспешна репрезентација на светските првенства со 10 златни, една сребрена и две бронзени медали, досега ја немаа надминато границата од 119 поени на еден меч. Втора најуспешна селекција во историјата на мундијалите е поранешниот СССР, со шест злата и две сребра, а трета е Австралија, со по едно злато и сребро и три бронзи.
САД се носител на златото на последните три СП, а на последното во Шпанија во 2018 година, во финалето ја совладаа Австралија, со 73-56, додека бронзата ѝ припадна на Шпанија, која славеше над Белгија со 67-60. Г.И.