Фото: Игор Бансколиев

РАКОМЕТ – НЕДЕЛА НА ЕХФ

Првиот натпревар е од затворен тип и ќе се игра в четврток, а вториот е закажан за в сабота, од 16 часот, со директен пренос на МРТ 3. Овој дуел ќе биде од отворен карактер, а влезот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде слободен

Македонската женска сениорска репрезентација предводена од селекторот Љубомир Савевски денеска, во 13 часот, во Скопје, ќе го има првиот собир во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во овој период е предвидено Македонија во СЦ „Борис Трајковски“ да одигра и два пријателски меча против репрезентацијата на Норвешка, актуелен европски (од 2020 година) и светски првак (од 2021 година).

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Норвешка е од затворен тип и ќе се игра в четврток, а вториот е закажан за в сабота, од 16 часот, со директен пренос на МРТ 3. Овој дуел ќе биде од отворен карактер, а влезот во салата ќе биде слободен.
За овие дуели со Норвешка, селекторот Савевски повика 19 ракометарки, од кои осум се интернационалки. Состав: Јована Мицевска (Ница, Франција), Јована Саздовска, Марија Штериова (Дунареа Браила, Романија), Сара Ристевска (ЦСКА Москва, Русија), Сања Дабевска, Леонида Гичевска (Локомотива, Хрватска), Симона Стојковска (Цвикау, Германија), Моника Јанеска (Коњалти Беледи спор, Турција), Александра Коловска, Ивана Арсениевска, Ива Божиновска, Ива Младеновска (Металург), Ивана Џатевска, Бојана Коцева (Вардар), Марија Јовановска, Матеа Чурлиновска (Куманово), Емилијана Ризоска, Теодора Дукоска и Ангела Јанкуловска (Ѓорче Петров Скопје).
Македонија, заедно со Црна Гора и со Словенија, е домаќин на Европското првенство во ноември годинава (мечевите во групата Ц, а потоа и во втората група од втората групна фаза на ЕП 2022). Репрезентацијата на Македонија е во групата Ц, во која се и олимпискиот првак Франција, Холандија и Романија. Норвешка, пак, се наоѓа во групата А (се игра во Љубљана), со селекциите на Унгарија, Хрватска и на Швајцарија. Г.И.