Во Општата болница Цеље бил променет идентитетот на двајца постари пациенти. Едниот преживеал, другиот починал, а болницата констатирала смрт на преживеаниот и го известила неговото семејство. Пред да биде откриена замената, погребот веќе бил извршен.
Грешката била откриена кога преживеаниот пациент се вратил во домот за стари лица.
-Знам само дека вчера во домот дојде жител за кого мислевме дека е мртов – изјави директорот на Домот за стари лица.
Раководството на болницата понудило оставка, што управниот одбор на установата ќе ја прифати во понеделник, најави претседателот на управниот одбор Андреј Класинц.
За промената на идентитетот болницата во Цеље ја известила и полицијата.
-Прибираме информации во насока на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење – изјавиле за Н1 во полициската управа Цеље.
Полицијата ќе даде повеќе информации по разговор со роднините.
Министерот за здравство Данијел Бешиќ Лоредан вели дека вакво нешто е неприфатливо во 21 век.
-Прво, како човек, како лекар и како вицепремиер, морам искрено да му се извинам на семејството, исто така во име на премиерот, за она што се случи. Во 21 век, во ерата на дигитализација, тоа е нешто што е неприфатливо, некој вчера го погребал татко му, а денес дознава дека татко му е жив, а други дознаваат дека татко им е мртов – рече тој.