СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА НАРОДНАТА БАНКА И НА КОМИТЕТОТ ЗА ОПЕРАТИВНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА
Советот на Народната банка и Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржаа седници на кои беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари.
На седницата на Советот на Народната банка беше донесена одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Со оваа одлука, основата за издвојување задолжителна резерва во денари на банките ќе биде намалена за износот на новоодобрените кредити за финансирање проекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори.
– На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија, кои влијаат и врз девизниот пазар, но и врз домашните цени и животниот стандард, Народната банка придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата. Покрај тоа, со оваа мерка се поддржуваат и „зелените финансии“ и одржливото финансирање, како стратегиска цел во најновиот стратегиски план на централната банка – велат од банката.
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3 отсто, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. На оваа седница беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити прекуноќ и на седум дена, за по 0,5 п.п., на нивоата од 0,90 отсто и 0,95 отсто, соодветно.
– При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, која и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонеле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарна политика ги одразуваат и промените во поставеноста на ЕЦБ. Домашниот девизен пазар бележи стабилизација и во изминатиот период, при умерени притисоци од енергетската криза, и прилив на девизи на менувачкиот пазар, кој е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка и натаму откупува девизи, што придонесе за натамошен раст на девизните резерви – посочуваат од Народната банка.
Нивните податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација во периодот јануари – август 2022 година од 11,6 отсто на годишно ниво и таа и понатаму главно произлегува од надворешни фактори на страната на понудата.
– Најголем придонес за растот на домашната инфлација има порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучувајќи и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, кои се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Но нивниот подолготраен и посилен раст создава преносни ефекти и врз цените на другите производи и услуги и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Во изминатите неколку месеци кај цените на храната се забележуваат поизразени надолни приспособувања на светските берзи, што во следниот период може да доведе до надолни приспособувања и кај домашните цени. Наедно, надолни се ревизиите и на очекувањата за раст кај дел од овие цени. Сепак, неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, е нагласена поради воените случувања во Украина – истакнуваат од Народната банка.
Оттаму уште смируваат дека девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност во согласност со меѓународните стандарди.
– Од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, главно поради интервенциите на Народната банка на девизниот пазар коишто се во исклучително висок износ од 183 милиони евра за овој период. Ваквата позиција на Народната банка придонесе за дополнителен раст на нивото на девизните резерви, кој е над проекциите за овој период од годината – велат од банката.
Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година БДП оствари реален раст од 2,8 отсто на годишна основа, што е целосно во согласност со очекувањата според последните проекции, односно според априлските проекции Народната банка очекуваше раст од 2,8 отсто. Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал се ограничени, но поради постојаните надолни ревизии на странската побарувачка предизвикани од воениот конфликт во Украина и сè подлабоката енергетска криза, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период.
Од аспект на движењата во монетарниот сектор, во согласност со последните податоци кредитната активност и натаму е солидна и над проекциите, а се бележи раст и на вкупните депозити, но поумерено од очекувањата.
Во август, во центарот на вниманието на меѓународните финансиски пазари беа очекувањата на инвеститорите за понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на најголемите централни банки. Притоа, се засилија очекувањата дека ЕЦБ ќе ги зголеми референтните каматни стапки за 75 базични поени, што се оствари на состанокот на почетокот на септември. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната забележаа пад, односно нивните приноси се зголемија. Во истиот период, вредноста на американскиот долар во однос на еврото и натаму се зголемува.
– Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното опкружување. Главен ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а пред сè врз снабдувањето со енергија во рамките на Европа. Не треба да се занемарат неизвесноста и ризиците од пандемијата на ковид-19, која сѐ уште не е завршена. Во вакви услови неопходно е водење претпазливи домашни политики – е генералниот заклучок на Народната банка, со напомена дека ситуацијата будно се следи.