Горан Анастасовски

Дека уметноста не познава граници потврдува и примерот на Марсела Пинтурас, Чилеанка по потекло, која живее во Пилар, Буенос Аирес, Аргентина. Таа наскоро планира да ја посети Македонија само за да се запознае со, како што вели, најдобриот фотограф на светот Горан Анастасовски, кој, пак, многу години е дел од тимот на „Нова Македонија“

ДОБРИОТ ГЛАС НАДАЛЕКУ СЕ СЛУША

Дека уметноста не познава граници потврдува и примерот на Марсела Пинтурас, Чилеанка по потекло, која живее во Пилар, Буенос Аирес, Аргентина. Таа повеќе децении работи како професорка по уметност и како ликовна терапевтка. Во ексклузивното интервју за „Нова Македонија“, кое го направи нашата новинарка Биљана Стојановска, Пинтурас вели дека оваа зима заедно со сопругот планира да ја посети Македонија. Нејзината одлука да ја посети нашата земја е особено необична, ако се земе предвид дека како поттик ѝ послужиле фотографиите од животни на нашиот колега Горан Анастасовски, кој е дел од „Нова Македонија“. Впрочем, тоа се фотографии што го обиколија целиот свет.
Марсела, инспирирана од овие фотографии, има направено неколку ликовни дела, кои јавноста во Буенос Аирес веќе ги има видено.
– Не знам точно колку негови фотографии имам насликано. Сигурно две-три. Тие се еден тигар и два или три јагуари. Според мене, инспирацијата во уметноста многу често доаѓа од очите. А ваквиот изглед на животните е нешто што само Анастасовски го доловува. Пред многу години проучував што гледаат луѓето најмногу на сликите со животни. Тие секогаш гледаат во очи, барајќи некаков израз – вели Марсела.
Таа вели дека е голема вљубеничка во големите мачки, па не случајно ја имаат освоено токму овие фотографии. Сликите создадени по фотографиите на Анастасовски веќе си ги имаат најдено своите сопственици.
– Едната, црно-бела слика на јагуар, е продадена минатата недела. Другата, наречена „Јагуари во брак“, на која се претставени два јагуара како се милуваат, се продаде пред една или две години. Тоа беше многу големо платно. А третата, тигар во сепија, е во мојот дом и го чека новиот сопственик – вели Марсела.
Аргентинката со чилеанско потекло работи и како ликовна терапевтка, односно со сликањето им помага на луѓето со душевни заболувања.

Марсела Пинтурас

– Порано работев во јавна болница со групи од по дваесет пациенти на кои им беше дијагностицирана психоза, поточно шизофренија. Работев со сите возрасти. Ја обожавав таа работа. Тие пациенти беа инспирација да почнам да студирам психологија и почнав годинава. Многу ме интересира менталното здравје на човекот. Во моментов речиси и немам време да сликам поради учењето, поради обврските и часовите по уметност со моите ученици и пациенти – ни раскажува Марсела.
Таа и нејзиниот сопруг планирале далечно патување за да откријат нови земји и култури.
– Една од варијантите на ова патување со мојот сопруг беа Шпанија и Португалија. Друга опција ни беше Африка, а третата Источна Европа. Се решивме за последната варијанта затоа што ни се допадна. И кога ги гледавме мапите, читавме туристички водичи и решававме кои места да ги посетиме, се сетив на Анастасовски и неговите прекрасни фотографии и му пишав. Не би сакала да го посетам Скопје без да се запознаеме. Немаме сѐ уште точен план по колку ќе останеме во секоја земја – вели уметницата.
За Македонија и Скопје вели дека има добиено информации од интернет, како и од книгите за туризам.
– Моите очекувања кога ќе пристигнам во Македонија се да го запознаам најдобриот фотограф на светот и да ја посетам Скопската зоолошка градина, за да направам фантастични фотографии од тие јагуари, чиј свет ми го отворија фотографиите на Анастасовски. Сигурно ќе ги посетам и реката Треска и езерото Козјак – вели Марсела.
Горан Анастасовски, кој веќе неколку години ги освојува светските медиуми, особено со животните од Скопската зоолошка градина, вели дека не ја познава госпоѓата Марсела. Анастасовски посочува дека пред некоја година му пишала дека е заинтересирана да наслика некои од неговите фотографии, а тој ѝ дозволил без проблем.
– Пред некој ден таа повторно ми пиша за да ме извести дека зимава би сакала да дојде во Македонија, да се видиме и да се запознаеме. Мене ме заинтригира како се одлучила да ја посети Македонија и ја запрашав која е причината. Таа ми одговори дека е инспирирана од моите фотографии и дека тоа е главната причина. Останав во неверување дека некој е поттикнат од моите фотографии да помине толкав пат. Таа ми повтори дека тоа е вистинската причина. Се договоривме дека ќе ги пречекам и ќе се потрудам да си заминат со најубавите впечатоци од нашата преубава Македонија – вели Анастасовски. Н.М.