Итно да профункционира социјалниот дијалог за да им се помогне на работниците, бизнис секторот и јавно-комуналните претпријатија побезболно да ја пребродат енергетската и економската криза, како и да се субвенционира струјата во индустриските капацитети и комуналните претрпијатија, бара Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
КСС предупредува дека последиците од енергетската и економската криза најмногу ќе ги почувствува работникот, а ако власта не изнајде соодветни и итни решенија, се поголем број граѓани ќе даваат отказ и ќе ја напуштаат државата.
Како модел за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и во јавните комунални претрпијатија, КСС ги посочува примерите од соседството – Бугарија, Србија и Грција, според кои поголем дел од државниот буџет оди за оваа намена.
-Ако властите во најитен можен рок не изнајдат решение за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и, пред се, во јавните комунални претрпијатија како даватели на услуги на граѓаните, ќе се соочиме со зголемување на цените за комуналните услуги, но и со губење на работни места. Доведен ќе биде во прашање опстанокот на работникот во тешката зима што претстои, рече денеска на прес-конференција претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Социјалниот дијалог, нагласи Ралповски, е во клиничка смрт.
-Овие две години се намалуваат и вработеноста и невработеноста. Тоа јасно покажува дека државата оди во погрешна насока, затоа и многу луѓе се иселуваат. Ние сме феномен во соседството, на Блаканот и во Европа. Ќе се соочиме со се поголем број граѓани кои ќе дават отказ и ќе на ја напуштаат државата, истакна Ралповски, додавајќи дека од почетокот на КОВИД-кризата до денес во земјава се изгубени 120 000 работни места. мч/дма/